
Општина Штип урна трибина од стадионот за концертот на Дино Мерлин, се очекуваат 100.000 луѓе
Општина Штип урна ѕид од градскиот стадион за да може публиката непречено и безбедно да влегува на бесплатниот концерт на Дино Мерлин, Елена Ристеска и Владо Јаневски, на кој се очекува да присуствуваат меѓу 50 и 100 илјади луѓе, пишува „СДК.мк“ Тие ќе настапат во сабота навечер.
Препорачано
Бината е поставена на помошното игралиште од страна на автобуската станица во Штип, од каде ќе има два влеза за веќе резервираните штандови, а од спротивната страна на стадионот од кај новата пошта во Штип, каде што е срушен ѕидот, ќе има неколку посебни влезови на кои ќе се врши проверка што се внесува во стадионот од страна на публиката. Тие влезови ќе бидат наменети за сместување во партерот и на новата трибина на стадионот. Еден влез со такви инсталации ќе има и од страната на студенскиот дом во Штип, наменета за публиката која ќе се сместува на старата трибина. Влезот за сите ќе биде бесплатен, јавува дописникот на порталот од Штип.
„Општина Штип како организатор нема трошоци околу музичката програма затоа што таа се реализира со помош на спонзорите, освен што општинскиот буџет предвиде техничка поддршка во износ од 4,5 милиони денари. Тоа е ништо од вкупните финансиски остварувања од неколку милиони евра“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Голем број посетители и гости од другите места се очекуваат и првиот ден од манифестацијата „Штипска пастрмалијада“, во петок 19 септември на локацијата „Едносмерна“ на која ќе има богата дневна и ноќна музичка програма и штандови кои ќе го нудат штипскиот специјалитет по цена од 220 денари.