Општина Аеродром дава 20 000 евра за изнајмување принтери, Левица прашува дали е тоа „трик“ за полнење нечии џебови

Општина Аеродром неодамна склучи договор со фирмата „Стерна“ ДОО од Скопје за изнајмување на принтери и фотокопири за потребите на локалната администрација вреден 1.180 000 денари со ДДВ односно околу 20 000 евра. Според документите што се достапни на Електронскиот систем за јавни набавки претпријатието со кое е склучен договорот понудило најниска цена за бараните услуги во споредба на останатите тројца понудувачи кои учествувале на јавниот оглас.

Како што е наведено во Договорот, кој е јавно објавен, во вредноста се пресметани и трошоците за работа, материјал, транспортни трошоци, монтажа и сите јавни давачки. Притоа, договорениот понудувач е должен да ги инсталира уредите, да ги конфигурира, да обезбеди сервис, да ги адаптира на веќе постојната опрема и целата опрема да ја пушти во употреба. Додека трае договорот склучен на 12 месеци, фирмата треба да обезбеди одржување и навремен сервис, како и замена на потрошниот материјал, како што се тонерите и замена на оригинални резервни делови. Мора да обезбеди и обука на вработените за користење на опремата и да достави прирачници за користење.

Денеска со свој став за склучениот договор излегоа од партијата Левица, од каде прашуваат – зошто општината треба да изнајми копир апарати, наместо истата сума да ја потроши за набавка на нови и на тој начин трајно да го реши проблемот?

Ако земеме предвид дека цената на еден фотокопир апарат се движи од 300 евра за користен апарат ,па до 3000 евра за нов апарат со повеќе од пристојни перформанси, тогаш не можеме, а да не се запрашаме – Зошто општината треба да изнајми копир апарати, наместо истата сума да ја потроши за набавка на нови и на тој начин трајно да го реши проблемот? Зарем на општината фотокопир апаратите и требаат само на одредено време?? Прашањето кое се наметнува е дали Тимчо сака да го реши проблемот и да ги задоволи потребите на општината за нормално административно функционирање и зошто недомаќински се троши волкава сума на пари за изнајмување? – велат од Левица.

Оттаму констатираат дека претпријатието кое го добило тендерот има само онлајн страна за продажба, без наведени продавници и без било какви информации за тимот, директорот или било кое лице кое е таму вработено.

Идеално за магионичарски трик – полнење нечии џебови со елегантно оштетување на буџетот на општината за 20.000 евра без трага и глас. Јавно го прашуваме градоначалникот зошто изнајмување, а не купување на фотокопир машини?? Дали позади овој тендер се крие коруптивна зделка?? Што се крие зад овој нелогичен тендер? – прашуваат од партијата.

Изнајмувањето на принтери и фотокопири кои недостасуваат за работа е пракса која трае со години наназад речиси во сите општини и во Град Скопје. Пред половина година Град Скопје остана без 30-тина принтери кои во изминативе две и пол години ги изнајмуваше од „Интек системи“. Имено вработени од фирмата ги зедоа печатачите од градските бараки, ги натоварија во камион и ги однесоа, откако Градот предвреме го раскинал договорот за изнајмување, по што градската администрација остана да функционира само со неколку принтери, премалку за да можат службите непречено да си ја вршат својата работа.

Од Градот тогаш демантираа дека немаат сопствена печатарска опрема и дека станува збор за манипулирање на јавноста. Сепак објавија нов тендер за изнајмување на 34 печатачи, кои како што објаснија им се потребни за принтање на поголеми количини на материјал.

И навистина, останува нејасно, зошто локалните власти со години не го решаваат недостигот од потребните апарати за печатење и фотокопирање со купување нови, кои би биле во нивна сопственост, туку со изнајмување за што на годишно ниво се издвојуваат значителни средства за изнајмување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот