„Опен АИ“ се соочува со тужба поради клевета генерирана од четџипити

Чат гпт/Фото: Jakub Porzycki/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Брајан Худ, градоначалник на Хепбрн Шаер, близу Мелбурн, најави дека ќе ја тужи компанијата „Опен АИ“ за клевета, бидејќи нивниот производ со вештачка интелигенција генерирал содржина што му ја урива репутацијата. Без оглед дали спорот ќе биде надминат во судот или преку дијалог, овој случај може да биде историски и да има сериозни последици врз развојот на вештачката интелигенција воопшто.

Градоначалникот се жали дека популарниот виртуелен соговорник четџипити без основа генерирал вест дека „на почетокот на овој век Худ бил прогласен за виновен за примање мито додека работел во печатницата за национални банкноти“.

Адвокатите на Худ забележуваат дека нивниот клиент не бил обвинет, туку како вработен во печатницата пријавил дека странски компании нуделе мито за да бидат избрани за соработници. Одговорноста за ширењето на лажната вест тие ја префрлаат врз креаторите на четџипити и на 21 март писмено го предупредиле „Опен АИ“ во рок од 28 дена да ги поправат грешните информации за Худ и да се извинат, за да избегнат тужба за клевета. Компанијата од Сан Франциско до вчера не одговорила на писмото. Ако не реагира до 18 април, првпат во историјата лице ќе тужи софтверска компанија поради клевета генерирана од вештачката интелигенција вградена во нејзиниот производ.

– Тоа би било историски ден за ерата на вештачката интелигенција и за ширењето вести во информатичкиот простор. Тој е избран функционер и неговата репутација е клучна во овој случај и важно е ако луѓето во неговата заедница имаат пристап до ваков материјал – изјави Џејмс Нотон, правен застапник на Худ.

Ако биде прогласена за виновна за клевета, „Опен АИ“ би требало да му исплати на Худ парична казна, која зависи од бројот на луѓе што имале пристап до лажната информација од четџипити. Тимот на Худ очекува обесштетувањето да достигне 200.000 долари, но штетата за „Опен АИ“ може да биде огромна. Ако биде прогласена за виновна, сигурно ќе се соочи со лавина слични тужби, а ако се обиде да го реши спорот вон судот, би се соочила со лавина предупредувачки закани за секоја „халуцинација“ на четџипити што нарушува нечија репутација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот