ОН го прозива Меѓународниот суд на правдата за израелската окупација

Западен брег во Газа, Израел/ Фото: Архива на Слободен Печат

Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која го повикува Меѓународниот суд на правдата (МСП) да издаде советодавно мислење за правните последици од израелската окупација на палестинските територии.

Резолуцијата беше усвоена синоќа со 87 гласа за, 26 против, од кои 53 воздржани.

Израел, САД и уште 24 земји, меѓу кои Велика Британија и Германија, гласаа против резолуцијата, Русија и Кина беа „за”, а Франција е меѓу 53-те земји кои се воздржаа.

МСП во Хаг, познат и како Светски суд, се занимава со спорови меѓу државите. Одлуките на тој суд се обврзувачки, но тој нема моќ да наметне спроведување.

Палестинските лидери денеска го поздравија исходот од гласањето, а високиот функционер Хусеин ал Шеик рече дека тоа „ја одразува победа на палестинската дипломатија”.

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рудајне, рече дека е дојдено време Израел да биде држава која ги почитува законите и да биде одговорна „за продолжување на злосторствата против палестинскиот народ”.

Генералното собрание на ОН побара од МСП советодавно мислење за правните последици од „окупацијата, населувањето и анексијата, вклучително и мерките насочени кон промена на демографскиот состав, карактерот и статусот на Светиот град Ерусалим”.

Исто така се бара мислење и како таквата политика и пракса влијае на правниот статус на окупацијата и какви се последиците од тој статус за сите земји и ОН.

МСП претходно издаде мислење за израелската окупација во 2004 година, кога беше оценето дека е незаконска разделната ограда што Израел ја поставува кон Западниот Брег. Израел го отфрли тоа мислење и го нарече политички мотивирано.

Израел ги освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во војната во 1967 година. Палестинците планираат да основаат независна држава на тие територии.

Амбасадорот на Израел во ОН Гилад Ердан изјави дека ниту едно меѓународно тело не може да одлучи дека еврејскиот народ е окупатор во сопствената татковина, оценувајќи дека „секоја одлука на судот што ќе добие мандат од морално банкротираните и политизирани ОН е целосно нелегитимна”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот