Одлука на германски суд: И роботите во продавниците мора да одмораат во недела!

Суд илустрација/ Фото Архива

Судот во покраината Хесен се согласи со синдикатот дека автоматизираните продавници не можат да работат во недела, повикувајќи се на 1.700-годишниот христијански принцип на „неделниот одмор“ кој е дел од уставот.

Роботите во супермаркетите, според христијанските принципи, мора да одмораат во недела, одлучи германскиот суд, потврдувајќи ја вековната забрана за тргување во недела. Регионалниот синџир на продавници Тегут, кој експериментира со околу 40 целосно автоматизирани продавници, минува низ правна битка бидејќи синдикатот на услужниот сектор Верди верувал дека продавниците кои се отворени постојано може да имаат лоши последици за човечката работна сила, пишува Индекс.хр.

Судот во покраината Хесен се согласи со синдикатот дека автоматизираните продавници не можат да работат во недела, повикувајќи се на 1.700-годишниот христијански принцип на „неделниот одмор“ кој е дел од уставот.

Тројцата судии во пресудата јасно кажаа дека неделниот одмор во Германија има пошироко значење од слободен ден. Притоа, тие укажаа на христијанското потекло на принципите кои пред повеќе од 1700 години ги прогласил римскиот император Константин Велики.

„Неделниот одмор“ е дел од германскиот устав од 1919 година, а го потврди и Уставниот суд со одлука од 2009 година.

„Пресудата е гротескна, се работи за автомати“, изјави за Фајненшл Тајмс, Томас Штаб, член на одборот на Тегут, наведувајќи дека ова е всушност еден вид автомат. Синдикатот Верди пред судот рече дека континуираната работа на таквите продавници може да доведе до дополнително олеснување на правилата за тргување во недела и дека на работниците треба да им се гарантира слободен ден за да поминуваат време со своите семејства. Тегут, супермаркет во швајцарска сопственост, има околу 300 конвенционални продавници низ целата земја и околу четириесет иновативни (автоматизирани), каде што клиентите ја оставаат личната карта на влезот, а потоа купуваат и плаќаат за избраниот предмет на касата. Штаб наведува дека имало повеќе кражби во автоматизираните продавници, но дека конечната добивка ги надминала загубите.

Во Германија продавниците не смеат да отвораат во недела. Исклучок се рестораните, железничките станици, аеродромите и бензинските пумпи.

„На нашето општество му треба посебен ден во неделата каде што можете да ги славите христијанските вредности и да поминувате време со семејството и пријателите“, рече Филип Батнер од протестантската црква, која лобира против работата во недела.

Сепак, оние кои се залагаат за континуирано работење на автоматизирани продавници сметаат дека работата во недела може да биде од корист за потрошувачите.

„Алтернативата на киосците и бензинските пумпи може да создаде поголема конкуренција и пониски цени, што ќе биде од корист за потрошувачите“, рече економистот Јан Бухел. Владата на Хесен рече дека е подготвена да размисли за правен исклучок за автоматизираните продавници.

Одлуката на судот се однесува само на областа на покраината, така што автоматизираните продавници сè уште ќе можат да работат во други германски покраини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот