Одложено првото рочиште против Максим Димитриевски, тврди дека се работи за предизборна фарса

Максим Димитриевски/Фото: Слободен печат

Во кумановскиот суд денеска се одложи првото рочиште против градоначалникот Максим Димитриевски кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување.

Рочиштето е одложено поради измена на обвинителниот предмет, необезбедени процесни гаранции и задоцнето доставување на доказите.

– Ова за мене не е првпат. Значи, секогаш во пресрет на избори, а таков беше случајот и за време на локалните избори, јас се соочував со вакви притисоци и секогаш, ама секогаш, еве јавно овде ќе потврдам, а тоа ќе го кажам и на следното рочиште во судницата дека ќе се ставам во интерес на заштита на јавниот интерес, а не на приватниот интерес. Значи, ниту сум спречил, ниту имам намера да спречам спротивно на законот некој да гради згради, висококатници, но кога се работи за интерес на училишта, школски диспанзери, медицински објекти, и тоа како е јавен интерес и јас сум должен истиот да го штитам, порача Димитриевски од пред Судот.

Според него, оваа фарса е во контекст на изборите и вели дека истата ќе доживее едно фијаско.

– Јас овде јавно ветувам дека ќе се заложам максимално во следниот период од позицијата за којашто претендирам да го демонтираме овој узурпиран судски систем којшто постои во соработка со обвинителскиот и Министерството за внатрешни работи во целост. Затоа што во континуитет се случуваат вакви нарачки од носители на високи политички функции од власта, или во конкретниот случај луѓе од високото лидерство на СДСМ, да ги злоупотребуваат институциите на системот и да ме доведат и мене и луѓе како мене во ваква состојба. Но ова не ме обесхрабрува, дополнително ме мотивира во моите намери од Македонија да направиме поубаво место за живеење, изјави Димитриевски.

Адвокатката на кумановскиот градоначалник, Сања Алексиќ појасни дека имало писмено барање од одбраната, бидејќи не биле обезбедени процесните гаранции на обвинетиот, да ги има доказите на кои се темели обвинението.

– На денешното рочиште обвинителот го измени обвинителниот акт, го добивме во писмена форма и не бевме во можност да се запознаеме и има промена во доказите предлог на јавниот обвините, дел се повлечени, на дел ќе останат. Одбраната дополнително ќе се запознае и ќе ја формира одбраната и да предложи листа на докази на наредното рочиште, рече Алексиќ.

Таа побара рочиштето да се одложи кон крајот на април и поради обврските на Димитриевски во кампањата, што како предлог судот го прифати. За делото нема опасност од застарување, а ќе има време и да се подготви одбраната.

– Во овој момент немавме ниту еден доказ што е обврска на обвинителството за да заврши истрагата, да ги предаде обезбедените докази на обвинетиот вработените, рече Алексиќ.

Еден од сопствениците на градежните компании, на „УПМ-ГРУП“ Бобан Спасовски изјави дека Димитриевски се служи со реторика дека е „жртва“.

Кумановскиот обвинител, Иса Сулејмани поднел обвинителен предлог по кривичната пријава на две кумановски фирми дека не им издава градежна дозвола за изградба на висококатница и покрај тоа што, адвокатскиот тим на Димитриевски барал тој да биде изземен поради пристрасност и селективно постапување во предистражната постапка. Димитриевски тврди дека постои стручно мислење од експерти за случајот, кое обвинителот не го зел предвид.

– Ова е чиста злоупотреба, борбата трае две години ни одземаше права. Единствен начин е да ја бараме правдата преку институциите што и го правевме изминатиот период. Два пати поднесовме инцијатива до Уставниот суд кој два пати ја прифати, еднаш ја поништи одлуката со која имаше намера да ни наштети, рече Спасовски.

Тој посочи дека Управниот суд донел правосилна пресуда. ДУП-от, рече тој, донесен е декември 2021 на негов предлог од истиот, сегашен состав на советот и нагласи дека откако дознал дека фирмите имаат градежни парцели во истиот опфат, тогаш почнувале опструкции.

– Не станува збор за јавен интерес. Прво не сакаше да продолжи постапката, донесе една одлука на совет, таа ја обжаливме на Уставен кој му ја поништи. Не сакаше да почитува. Министерството за транспорт и врски како повисок орган му ги поништуваше решенија и нив не сакаше да ги почитува, рече меѓу другото Спасовски.

Следното рочиште е закажано за 30 април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот