Одбележување на 152 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Владина делегација оддаде почит пред споменикот на Гоце Делчев / Фото: Влада на РСМ

Владата денеска со државен свечен настан ќе го одбележи раѓањето на  великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев.

Во чест на 152 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, во 10 часот, на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас”-Скопје, свежо цвеќе ќе положи претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од Бојан Маричиќ, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Беким Реџепи, заменик министер за транспорт.

Потоа владина делегација составена од Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

На годинашното одбележување не е најавено доаѓање на официјална делегација од Бугарија, како што беше минатата година.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот