Од Западен Балкан само Србија ќе ја помине полесно годинава од нас

Годинава македонската економија ќе има помал бруто-домашен производ (БДП) за 5,4 проценти во однос на 2019 година, но в година ќе има раст од 5,5 проценти, додека во 2025 година растот ќе биде 3,5 проценти. Ова е оценката на Меѓународниот монетарен фонд во есенскиот извештај за светската економија што го објави завчера попладне.

Изразено во апсолутни бројки, ако се остварат овие предвидувања, Македонија годинава ќе загуби повеќе од 640 милиони евра како резултат на пандемијата. Ланскиот бруто-домашен производ беше 11,21 милијарди евра и кога се носеше буџетот се планираше раст од 3,8 проценти, што значи за годинава се очекуваа 11,64 милијарди евра, но според последните пресметки целото производство на стоки и услуги ќе биде 10,60 милијарди евра.

Сепак, од Македонија, меѓу земјите од Западен Балкан, само Србија ќе помине со помал пад на БДП оваа година. Проекциите за намалувањето на бруто-домашниот производ на земјите од Западен Балкан до крајот на годинава се следниве: Србија минус 2,5 проценти, Македонија минус 5,4 проценти, Босна и Херцеговина минус 6,5 проценти, Косово минус 7,5 проценти и Албанија минус 7,5 проценти.

Кога се зборува за регионот интересни се и предвидувањата за Словенија,  за која меѓународните монетарци предвидуваат намалување на БДП за 6,7 проценти, Хрватска за 9 проценти, Бугарија за 4 проценти и Грција за 9,5 проценти.

Она што е охрабрувачко во октомвриската проекција на ММФ е што се изменети проекциите за светската економија, односно ММФ констатира дека светската економија побрзо закрепнува во однос на предвидувањата од јули. Глобалниот раст е проектиран на минус 4,4 проценти за годинава, што е за 0,8 процентни поени помалку во однос на јунската прогноза.

„Ревизијата ги рефлектира подобро очекуваните резултати за БДП во вториот квартал, главно во напредните економии, каде што активностите започнаа да се подобруваат порано отколку што се очекуваше, откако заклучувањата беа намалени во мај и јуни, а и врз основа на показателите за посилно закрепнување во третиот квартал. Глобалниот раст е проектиран на 5,2 проценти во 2021 година, малку пониско ниво отколку во јунскиот ажуриран извештај за светската економија, како одраз на поумерениот пад проектиран за 2020 година и во согласност со очекувањата за постојано физичко дистанцирање“, пишува ММФ.

Подобрените прогнози за светската економија, предизвикано пред сѐ од развиените земји, се надеж и за македонската економија. Прв наш најголем трговски партнер е Германија. Со оваа земја Македонија со години дури и остварува трговски суфицит, односно повеќе извезува отколку што увезува. Во првите 8 месеци од годинава, македонскиот извоз во Германија изнесувал 1,56 милијарди евра, а увозот бил 491 милиони евра. Притоа, извозот е намален за 24,4 проценти во однос на истиот период лани, а увозот е намален за 21,1 проценти. Според прогнозите на ММФ, Германија годинава ќе ја заврши со пад на БДП од 9,8 проценти, а наредната година ќе има раст од 4,1 проценти.

Заев: Остануваме на процените за пад на БДП од 4,4 отсто

Владата ги следи сите параметри во делот на БДП, на задолжувањето и на приходите, како и севкупните движења и тенденции, и нашите проекции се дека очекуваме пад на економијата од 4,4 проценти, изјави премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги најновите прогнози на ММФ за намалување на домашниот БДП од 5,4 отсто за оваа година.

Заев нагласи дека првичните предвидувања на Владата биле за пад на БДП до 5 проценти, но сега се намалени на 4,4 отсто.

– Затоа пуштивме пари, затоа е четвртиот пакет мерки и верувам дека ќе успееме во тоа. ММФ сега на квартално ниво ги дава своите анализи и очекуваме да прават и нови проценки. Верувам дека ние имаме порелевантни податоци, ги следиме приходите на државата и производството. Верувам, според она што го следам, дека ќе бидеме една од државите со најмал негативен импакт, ако не и со најмал негативен импакт од корона-кризата во регионот – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот