Од следниот гроздобер на винската етикета мора да има и нутритивните вредности

Вино / Фото: Unsplash/Kelsey Knight

Новите европски правила за етикетите ќе важат за сите вина и вински производи добиени од гроздоберот во 2024 година, а сите вина произведени пред 8 декември 2023 година ќе бидат изземени од новите правила додека не се продадат залихите

Македонските винарници се информирани, а дел од нив веќе се подготвени за новите правила за означување на состојките и на нутритивните вредности на виното и на ароматизираните вински производи, кои стапија на сила на 8 декември.

Новите етикети ќе важат за сите вина и вински производи добиени од гроздоберот во 2024 година, а сите вина произведени пред 8 декември 2023 година ќе бидат изземени додека траат залихите, потврдува Костадин Китанов, генерален директор на винарницата „Бовин“ за „Слободен печат“. Китанов, додава дека мора да се еден чекор понапред, бидејќи извезуваат во 39 земји, така што веќе ги отпечатиле етикетите со сите барани податоци.

– Подготвени сме за следната берба, сериозните производители мора да ги знаат правилата на игра на европскиот пазар. Колку што сум информиран и другите винарници се во тек со постапката, која секако дека ќе значи нов трошок за нас, затоа што сè се менува, како што налагаат од ЕК. Ова ќе ни биде трето менување, првото беше со новото име на државата, потоа следуваа двојните етикети (на македонски и на албански) и сега следува уште едно – објаснува Китанов.

Виното како храна, ќе се бројат калории, но и алергени и количина на сулфати

Инаку, освен виното што е македонско, целата амбалажа почнувајќи од шишињата, па сè до тапите е увозно, но директорот на „Бовин“ вели дека нема да се зголеми цената на виното.

– Ние тоа го сторивме на почетокот на 2023 година, а не планираме ново поскапување. Трошоците ги презедовме врз нас – вели Китанов.

По последното рангирање на меѓународната организација за вино од Париз, Македонија е на 22. место во светот по производство на вино, а според „Ворлд топ експорт“, според вредноста на извозот во долари во 2022 година, земјава е 13. место.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека во владина процедура е и нова стратегија за развој на винарството и на винската индустрија, а во подготовка е новиот закон за вино што ќе ги примени сите европски директиви. Во земјава, како што истакна, има околу 250 регистрирани винарници што е значително повеќе од пред неколку години кога имало 30-40. Според него, радува што со побрзо темпо се зголемува вредноста на извезеното вино, во однос на количините, што се должи на порастот на извоз на вино во шишиња.

Од Европската комисија велат дека дополнителните информации наведени на етикетите, ќе им овозможат на потрошувачите да направат поинформиран избор.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Николовски: Правиме силна промоција на македонското вино за да биде препознаено

– Операторите ќе имаат избор да го прикажат списокот на состојки и декларацијата за исхрана или на физичката етикета на виното или со наменски електронски средства како што е кјуар-кодот. Алергените ќе продолжат да се појавуваат на физичката етикета, како што сега ќе биде случајот со енергетската вредност. Информациите дадени на интернет треба да бидат јасно видливи и достапни за потрошувачите како и информациите дадени на физичка етикета. Зборот „состојки“ треба да биде лесно препознатлив од потрошувачите на етикетата и да не се меша со други електронски медиуми што содржат маркетинг пораки – објаснуваат од ЕК.

Со ова ќе се покрие постојниот јаз меѓу виното и сите други прехранбени производи, од кои долги години се бара да дадат такви информации. Виното досега беше ослободено, како и другите алкохолни пијалаци, од обврската да дава информации во списокот на состојки и да ја декларира хранливата вредност.

Што има на новите етикети?

На новите етикети на вина, потрошувачите ќе можат да ги најдат барем следните информации за сите вина што се продаваат во ЕУ: означување на категоријата вински производи; терминот „заштитена ознака на потекло“ (ЗНП) или „заштитена географска ознака“ (ПГИ) и неговото име за вината регистрирани како географски ознаки; вистинската содржина на алкохол по волумен; назнака за потекло; името на фабриката за флаширање или името на производителот или продавачот; нето содржината; содржината на шеќер во случај на категории на пенливи вина; објавувањето на нутритивните вредности; списокот на состојки; супстанции што предизвикуваат алергии или нетолеранција; датумот на минимална издржливост на лозарските производи што биле подложени на третман за деалкохолизација. Оваа сеопфатна информација ќе им гарантира на потрошувачите максимална транспарентност при изборот и купувањето вино.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот