Од рускиот гас зависат педесетина наши компании и дел од струјата

Руски гасовод
Фото EPA/ROBERT GHEMENT

Корисниците на гасот оценуваат дека од Русија стигнуваат смирувачки тонови во однос на снабдувањето и не очекуваат прекин на испораката. За цените, пак, велат дека немаме избор.

Педесетина компании во Македонија својот производствен процес го базираат на гас, а најголем корисник меѓу нив е „Алкалоид“, но на гас се и неколку од најголемите пекарници во државава. Од гасот зависи и голем дел од домашното производство на струја, како и речиси целото производство на топлинска енергија. Корисниците на гасот оценуваат дека од Русија стигнуваат смирувачки тонови во однос на снабдувањето и не очекуваат прекин на испораката.

Компанијата за производство на електрична енергија и топлина „ТЕ-ТО“, во која има и руски капитал, е многу значајна за нашиот енергетски систем, таа произведува струја колку еден блок на РЕК „Битола“ и ја испорачува речиси целата топлинска енергија. Во однос на производството на струја, технолошкиот процес е таков што таа може да се произведе само од гас.  Директорот на „ТЕ-ТО“ Димитар Кочовски вели дека засега снабдувањето со гас е стабилно, но и дека изјавите што доаѓаат од Русија и од Европа се оптимистички.

– Врз основа на вчерашните изјави, оптимист сум дека и понатаму ќе имаме редовно снабдување со гас. Цените се друго прашање. Нашиот договор се базира на месечни фјучерси на австриската берза. Ситуацијата е многу лоша, но ние остануваме доследни на договорот со Владата. Така, досега ние ја субвенциониравме државата со 45 милиони евра. „ТЕ-ТО“ произведува струја со целиот свој капацитет и ја помага домашната економија. Струјата ја продаваме во земјава по 190 евра за мегават-час, а можеме да ја продадеме и по 500 евра. Исто е и за топлинската енергија. Ја продаваме по 35 евра за мегават-час, а производна цена ни е 105 евра. Од Владата поддршката е во вид на заем од 5,5 милиони евра. Така, во моментов работиме со загуба – изјави Кочовски за „Слободен печат“.

Топлинската енергија, пак, можно е да се произведува и од мазут и од „БЕГ“ велат дека се покриени со договор за набавка.

–  Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛ како регулиран производител на топлинска енергија има склучено рамковна спогодба за набавка на алтернативно гориво, според обврската пропишана во Законот за енергетика. Според Законот, регулираниот производител на топлинска енергија е должен во текот на грејната сезона да обезбеди оперативни резерви од алтернативно гориво во количина што е потребна за најмалку 15 дена работа со максимален капацитет- велат од БЕГ.

И претседателот на Македонско-руската стопанска комора не очекува во државава да запре рускиот гас. Според неговите очекувања, тоа нема да бидат руските противсанкции, но можно е Русите да ја спуштат рампата за увоз на производи од нашата земја. Ова, на пример, би значело дека „Алкалоид“ ќе добие гас за своето производство, но нема да може да ги извезува своите лекови во Руската Федерација.

– Што се однесува до снабдувањето со рускиот гас, цената што ќе ја плаќаме секако нема да биде повластена, но не очекуваме забрана за неговиот увоз, во спротивно тоа уште повеќе ќе ги влоши состојбите во македонската економија – објаснува за „Слободен печат“ Бишлиев, потенцирајќи дека „и земјите од ЕУ кои се увозно зависни се противат на идејата за забрана за увоз на руски гас, односно бараат изземање на овој енергенс при воведување санкции“.

Трговската размена помеѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација во 2021 година била 233,7 милиони американски долари, од кои извозот е  56,1 милиони американски долари, а увозот е 177 милиони американски долари.

Една третина од земјоделскиот извоз оди во Русија

Една третина од македонскиот извоз на земјоделски производи завршува на рускиот пазар, а тоа за земјоделците значи околу 28 милиони евра, вели претседателот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бишлиев.

– Во последните години има пораст на извозот кон Руската Федерација, но и промена на структурата. Покрај традиционалните фармацевтски и земјоделски производи, сè повеќе се застапени производи од преработувачката индустрија, винската индустрија, автоиндустријата. Сето ова сега ќе биде доведено во неизвесност и опасност со воведувањето санкции од страна на нашата земја. Имено, се очекува воведување контрасанкции од руска страна, што всушност ќе значи евентуална забрана за нашите најизвезувани производи. Доколку тие се однесуваат на земјоделскиот сектор, тогаш тоа многу силно ќе се почувствува кај голем дел од нашите граѓани, кои се ангажирани и опстојуваат од оваа гранка – рече Бишлиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот