Од понеделник новата кружна градинка „Сонце“ во Волково ги отвара вратите за дечињата

На вкупна површина од 1.558 метри квадратни со капацитет од 150 деца денеска беше пуштена во употреба новата детска градинка „Сонце“ во Волково. Во градинката, која е современ објект со кружна форма, се запишани деца од 9 месеци до 6 години, кои од понеделник веќе ќе може да го посетуваат објектот. Децата ќе бидат распоредени во седум групи за кои ќе се грижат 4 воспитувачи, 10 негувателки, или вкупно со помошно-технички персонал – 18 лица.

Фото: Општина Ѓорче Петров

Направивме максимални напори градинката конечно да почне со работа. Тоа беше наша обврска и горд сум што ја реализиравме. Раниот развој е особено важен за децата. Токму затоа, со сите ресурси со кои располагаме, силно се залагаме да ги зголемиме капацитетите. Со отворањето на „Сонце“, значително го намаливме бројот на дечиња што со години чекаа на списоците за упис. Решаваме децениски проблеми во делот на згрижување и воспитно-образовен процес за нашите најмлади жители. Активно работиме на таа проблематика и продолжуваме со активности во правец на целосно елиминирање на овој проблем – рече градоначалникот Александар Стојкоски.

 

Фото: Општина Ѓорче Петров

Тој информираше и дека општината веќе аплицирала со проект за нова детска градинка во Дексион,  изработен е и проект за нов објект во Стопански Двор, а се работи и на уште две локации за градинки во урбаниот дел на Ѓорче Петров.

На отворањето на градинката присуствуваа и се обратија и премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и директорката на градинката „Росица“ од општина Ѓорче Петров, Даниела Темелкова.

Градинката „Сонце“ е проект финансиран од Светска банка, преку Министерството за труд и социјална политика со учество и на Општина Ѓорче Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот