Од детски градинки и фирми за лекови – право во амбасада!

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија Фото: МИА

Генерален конзул во Торонто со факултет за физичка култура, амбасадор во Загреб со факултет за шумарство, а претходно бил управител на старски дом, амбасадор во Абу Даби претходно вработен во фабрика за чоколадо, а друг со искуство – придружба на сопруг-амбасадор, наброја Османи неколку примери за претходни назначувања.

Во претходните години за конзули биле испраќани луѓе што претходно работеле во фирми за лекови, за чоколади, во детски градинки, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата со новинарите денеска, осврнувајќи се на планираната ревизија на индивидуалните досиеја на дипломатите именувани од 2006 година до денес.

– Конзул во Солун, а потоа и амбасадор, бил директно земен од фирма за лекови. Генерален конзул во тој период, преземена од детска градинка. Генерален конзул во Торонто со факултет за физичка култура преземен од Агенцијата за млади и спорт. Амбасадор во Загреб имал факултет за шумарство, а претходно бил управител на старски дом. Амбасадор во Абу Даби претходно бил вработен во фабрика за чоколадо. Амбасадор во европска земја со претходно искуство – придружба на сопруг-амбасадор. Амбасадор во Анкара бил преземен од Македонски пошти – кажа Османи на прес-конференција со новинарите.

Ако во некое поле откако сум на функцијата имам постигнато најмногу, тоа е токму во упатувањето амбасадори и конзули, бидејќи направивме голем исчекор во делот на професионализација на службата и затоа побарав и формирав работна група во Министерството за анализа на индивидуалните досиеја на упатени дипломати од 2006 година, изјави Османи и додаде дека откако е на функцијата, испратил 21 амбасадор или една третина од вкупниот број дипломатски конзуларни претставништва што го имаме, од кои 15 се дипломати од кариера.

– Според законот, јас сум задолжен до една четвртина од сите амбасадори да бидат дипломати од кариера, а другите е дозволено да бидат политички решенија. Тоа се обично афирмирани личности, кои по практика политичките партии ги предлагаат во рамките на коалицијата. Според законот е 25 проценти, а јас имам над 70 отсто пратено од куќата – изјави Османи.

Прашан за тоа зошто конзули се назначуваат на затворени седници, Османи рече дека тоа е законска обврска – сите предлози да поминат на затворена седница на Владата.

– И тие остануваат доверливи информации, независно дали е за амбасадори, дали е за конзули. Сè додека не се добие агреман односно егзекватура од земјата каде што се упатува, таа информација останува доверлива. Затоа ние не можеме да потврдиме, на пример, кој е предлогот за Софија, иако е поминато на Влада, поминато е кај претседателот, веќе е упатено барање за агреман во Софија. Тоа не е само кај нас, тоа е секаде во светот, додека не се добие агреман тие информации се доверливи. За сите е еднаква процедурата – изјави Османи.

За амбасадата во Вашингтон, Османи рече дека очекува многу брзо да излезат со кандидат за амбасадор.

– Очекувам дека многу брзо ќе излеземе со име за Вашингтон. Вака најавив за Софија и така и се случи, еве повторно најавувам дека за Вашингтон брзо ќе биде предлогот – изјави Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот