Образование на мајчин јазик – предизвик за помалите заедници

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Дел од заедниците сакаат да учат македонски, затоа што сметаат дека децата така полесно ќе се интегрираат во општеството. Но, со тоа се става во ризик зачувувањето на мултикултурното богатство на земјава.

Во земјава има редовна настава на турски, српски и босански јазик, а на ромски и влашки јазик има изучување на предмет на нивните јазици и културата на нивните заедници. Но, постојат примери кадешто припадници на одредена етничка заедница не сакаат да учат на својот мајчин јазик, туку сакаат да учат македонски, затоа што сметаат дека децата така полесно ќе се интегрираат во општеството, а и во понатамошниот образовен процес.

Ваков пример има во село Љубош, општина Студеничани, каде, иако има кадар и услови за редовна настава на босански јазик, родителите Бошњаци ги пуштаат своите деца да учат на македонски јазик. Така, оние кои се залагаат за редовна настава на својот мајчин јазик, водат борба на два фронта: на институционално ниво и преку подигнување на свеста на самата заедница.

Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), за „Слободен печат“ објаснува кои се препораките што Агенцијата му ги дава на Министерството за образование за подобрување на статусот на образованието на мајчин јазик на заедниците.

-Припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во РСМ имаат право на образование на својот јазик и писмо во сите степени согласно закон, така што и АОПЗ има законска надлежност за следење на состојбите околу образованието на јазиците на заедниците. Како институција, со години сме работеле на оваа проблематика, имаме периодични истражувања, одржано обуки  на наставници, партиципативни форуми и кампањи за подигнување на свеста за образование на мајчин јазик. И како институција сме испраќале официјални препораки до надлежното министерство и Владата во минатиот период. Како дел од препораките можеме да ги наброиме: Потребата од подобрување на наставниот кадар; трајно решавање на проблемот со недостатокот од кадар и книги; овозможување на изборен предмет „Јазик и култура на заедниците“ каде што не може да се исполни условот за отворање на нови паралелки; како и отворање на училишта на настава на мајчин јазик од шесто до деветто одделение како и отворање на средни училишта на мајчин јазик. Иако во последните години има видлив напредок во подобрувањето на наставата на јазик и писмо на помалубројните зааедници, се уште имаме потреба од дополнителни ангажмани и политики на решавање на проблемите, вели Куртиш.

Милутин Станчиќ, директор на Управата за унапредување на јазиците на заедниците, посочува многу нерешени проблеми со коишто се соочуваат помалубројните заедници при образованието на својот јазик.

-Македонија ги почитува Хашките препораки, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства како и највисокиот акт на државата, а тоа е Уставот и член 48 во кој на сите им се гарантира право на образование на својот јазик. Во овој момент според наставниот план, наставни јазици се македонскиот, албанскиот, турскиот, српскиот, а од 2018 година и босанскиот јазик. Припадниците на помалубројните заедници, јазикот на заедницата имаат право да го изучуваат и како изборен предмет Јазик и култура на Бошњаците, Власите, Ромите, Србите и Турците, во средини каде нема можност за редовна настава, вели Станчиќ за „Слободен печат“.

Тој предупредува дека, иако сето ова е во духот „Едно општество за сите“, за жал во реалноста не е така, ни во редовната, ни во изборната настава.

-Иако има редовна настава на српски и босански наставен јазик, квалитетот не е на сосема задоволително ниво. Немање катедри, групи, лектори на јазик на помалубројните заедници го доведува во прашање квалитетот на наставата на јазиците на заедниците. Немање контролнен механизам, субјективизмот, односно човечкиот фактор исто така го доведува во прашање квалитетот на наставата и сето тоа влијае родителите да се определат за настава на македонски јазик. Наставниот кадар обуките ги следи на македонски јазик, за оние кои го предаваат изборниот предмет нема до сега никаква обука, а воопшто не се канети на обука. Наставниот кадар кој ги предава изборните предмети со години не се во можност да добијат решение за постојан работен однос, само затоа што предаваат изборен предмет. Во предлог-законот за наставници се предвидува по 5 години да се оствари правото на постојан работен однос, а за другите се предлага една година. Тогаш, каде е „Едно општество за сите“? Ако надвор од државата се испраќаат професори за дијаспората за македонски и албански јазик, зарем ние сме граѓани од втор ред, дали само заради тоа што сме процентуално помалку или што не припаѓаме на овие две заедници. Како е можно за изучување на јазик и култура на заедниците да се бара минимум 15 ученици за соодветно одделение за да се одобри настава и финансиски средства, а за други изборни предмети може и 5 ученици? Ненудење и неспроведување анкети околу интереси за изучување на изборните предмети е еден од главните причини за низок одзив за изучување на овие јазици, објаснува Станчиќ.

Проблемот со учебниците и предизвиците за наставниот кадар го посочи и Изета Бабичиќ, автор на учебници на босански јазик.

-Наставниците кои предаваат босански јазик во редовна настава на босански јазик и оние кои го предаваат изборниот предмет Јазик и култура на Бошњаците, немаат можност да го изучуваат стандардниот босански јазик на нитуедна високо образовна институција во РСМ. Иако наставата на босански јазик се изведува со години, ова прашање останува без интерес од одговорните институции да го организираат образованието на просветниот кадар кој ќе предава во овие училишта. Ако наставата веќе се одвива на јазикот на заедницата, навремено требало да се мисли и реши ова прашање. Педагошките факултети и Филолошкиот факултет немаат никаква понуда на предмети ниту на изборни предмети како би се овозможила едукацијата на идниот наставен кадар кој ќе предава стандарден босански јазик во основните училишта, вели Бабичиќ за „Слободен печат“.

Уште еден во низата проблеми со кои заедниците се соочуваат е тоа дека младите генерации се помалку го знаат својот јазик. Ова е доста видливо во Влашката заедница. Помалубројните заедници се едногласни дека многу е важно државата да најде начин за да си го зачува културното богатство, бидејќи јазикот е еден од основните карактеристики на идентитетот на човекот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот