Обраќање на кралицата Елизабета втора неколку часа пред објавувањето на Меган Маркал

Profimedia
Фото: George Rogers / Sipa Press / Profimedia

Британската кралица Елизабета денес го одбележа Денот на Комонвелтот само неколку часа пред американското интервју на нејзиниот внук, принцот Хари и неговата сопруга Меган, што може да ги продлабочи поделбите во кралското семејство, пренесе Ројтерс.

„Сите продолживме да ја цениме поддршката, ширината на искуство и знаење што ги носи заедничката работа и се надевам дека ќе го задржиме ова обновено чувство на блискост и заедништво“, рече кралицата во говорот по повод обележувањето на единството на Комонвелтот.

Скоро 50 години, кралското семејство присуствуваше на годишната богослужба на Денот на Комонвелтот во лондонската опатија Вестминстер во март, посветена на земјите претежно од поранешната британска империја кои одржуваат врски со Велика Британија, но оваа година беше откажана поради пандемијата „Ковид 19“.

Принцот Чарлс, придружуван од другите членови на кралското семејство, вклучувајќи го и неговиот најстар син и наследник, принцот Вилијам, исто така оддадоа почит на храброста што ја покажале луѓето ширум Комонвелтот како одговор на пандемијата.

Обраќањето на кралското семејство беше емитувано неколку часа пред ЦБС да го прикаже долгоочекуваното интервју на војводата и војвотката од Сасекс.

Хари и Меган, за прв пат откако се преселија во САД, ќе објаснат во шоуто на Опра Винфри зошто ја напуштиле Велика Британија за да започнат нов живот во Калифорнија.

Видео на денот