
Обезбедувач на Вучиќ фатен со 34 ќесички хероин, Обвинителството му прогледало низ прсти
Судии и поранешни обвинители предупредуваат дека во случајот со обезбедувачот на српскиот претседател Александар Вучиќ има „премолчени договори“.
Иако против него се води кривична постапка за дрога, 31-годишниот Петар Филиповиќ од Обреновац бил виден како неформално обезбедување на Александар Вучиќ на владини собири, објави „Радар“.
Препорачано
Во декември 2024 година полицијата во неговиот луксузен автомобил БМВ пронашла 34 пакувања хероин, но Обвинителството го гони само за лична употреба и предлага условна казна. Вкупно биле пронајдени 19,08 грама хероин, поделен во пакувања и подготвен за употреба. Понатамошниот тек на настаните покажува како власта ангажира проблематични лица и како ги штити, се вели во текстот на „Радар“.
Вообичаено, таков наод во судската пракса се третира како дрога наменета за продажба, но случајот добил поинаков тек. Обвинителката Александра Мрдовиќ, блиска соработничка на шефот на Вишото обвинителство Ненад Стефановиќ, го квалификувала делото како дрога за лична употреба. Наместо притвор и тешка казна, предложила условна осуда од една година и задолжително лекување од наркоманија.
Премолчени договори со Обвинителството
Правни експерти посочуваат дека за многу помали количества младите честопати добиваат минимум три години затвор и нема можност за ублажување на казната.
Судии и поранешни обвинители предупредуваат дека во случајот со Филиповиќ има „премолчени договори“, бидејќи не бил извршен ни претрес на неговиот дом, ниту анализа на телефонот – стандардни постапки при сомнеж за продажба на дрога.
Обвинителката Мрдовиќ, пак, во други случаи, особено со студентите приведени на протестите на 28 јуни 2025 година, покажувала целосна ригорозност, барајќи притвори и тешки мерки.
На првите редови со Вучиќ
И покрај тоа што против него се води постапка и постои медицински наод за задолжително лекување, Филиповиќ бил виден во првите редови на собирите на власта.
На 22 јули 2025 година, на прослава во организација на таблоидот „Информер“ во Пожега, фотографија покажува како стои веднаш пред Александар Вучиќ, свртен кон насобраните граѓани, во улога на неформално обезбедување.
Настанот дополнително е спорен бидејќи се славело отворање на дел од автопат кој тогаш немал употребна дозвола.