Обезбедени 40 милиони денари за бесплатни кајсии, круши, јаболка за градинките

Фото: Профимедиа

И годинава преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје, од 15 јуни до 15 декември ќе има здрава ужина за најмладите

Бесплатни свежи кајсии, праски, сливи, круши и јаболка и годинава ќе добиваат децата во градинките, а според одлуката на Владата, дистрибуцијата ќе почне од 15 јуни и ќе трае до 15 декември. Овошјето треба да е од прва класа и да одговара на стандардите за квалитет и тоа за количество за најмалку 90 тони кајсии, 175 тони праски, 168 тони сливи, 74 тони круши и 370 тони јаболка. За таа намена преку Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје се обезбедени 40 милиони денари. Реализацијата ќе ја вршат регистрирани откупувачи, кои ќе бидат избрани по претходно спроведена постапка за јавна набавка од платежната Агенција и кои треба да извршат откуп, пакување и дистрибуција на сезонското овошје.

– Избраниот регистриран откупувач треба да достави банкарска гаранција од 15 проценти од вредноста на јавната набавка, со цел квалитетно и навремено исполнување на договорот. Доставата ќе се врши врз основа на листа на јавни установи за деца од предучилишна возраст од Министерството за труд и социјална политика.
Исплатата на средствата е до 25 декември 2024 година – стои во владината Одлука.

Годинешната Програма за откуп на овошје е продолжение на она што почна во 2022, а продолжи во 2023 година. Лани за таа намена беше предвиден двојно поголем буџет. Во 2022 година беа откупени околу 750.000 килограми домашни јаболка, кои беа дистрибуирани до 350 основни училишта односно до 186.000 ученици. Лани во мај почна првата дистрибуција на свежо овошје и во градинките, со цел секое дете да добие по еден килограм овошје неделно за период од пет месеци. Со оваа програма на Министерството за земјоделство, беа опфатени 38.000 деца од сите градинки во државата.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски најави дека од оваа година се планира освен овошје, да се откупува и зеленчук, а крајната цел е да се откупува и млеко и млечни производи и притоа, освен децата од градинките и од училиштата, да се прошири опсегот и да се опфатат и болниците и АРМ.

– На тој начин сите наши установи би подготвувале здрави оброци од домашни македонски производи, а нашите земјоделци ќе имаат редовен откуп, бидејќи програмата јасно дефинира дека ќе се откупува само од домашно производство – потенцираше лани Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот