О сраме, каде ти е црвенилото?

Марин Гавриловски

Дали во ова општество на искривени вредности и норми сè уште има луѓе, чесни, честити, правични, скромни, желни само да имаат пристоен живот за себе и за своите семејства и да обезбедат нормална иднина за своите деца? Или, пак, сите се иселија во потрага по нормална живеачка?

Овој безвремен цитат на генијот Шекспир од „Хамлет“, кој претставува прекор за моралниот пад на личноста, за жал е сè уште актуелен тука и сега. Него слободно може да го употреби секој слободоумен и сè уште некупен граѓанин на ова напатено парче земја, обраќајќи им се на носителите на јавни функции од сите сфери на владеењето, кои во трката за моќ, пари и влијание ги заборавија основните морални вредности на личноста.

На студиите на Правниот факултет нè учеа дека власта била поделена на законодавна, извршна и судска и тоа било со цел да се обезбеди нивната независност и да се спречи влијанието на една од нив врз друга. Колку убава замисла. Се разбира неприменлива во Македонија. Секојдневно среќавајќи се со гафовите на актуелната власт, како да ги подзборавивме тефтерчињата на Гоца и влијанието на Мијалков врз изборот на судиите, кои за возврат мораа „да играат онака како што тие им свират“. Речиси ниту еден или занемарлив број од тие судии се разрешени или, пак, понеле одговорност за своето вазалско поведение спротивно на позитивните законски прописи и норми. Очекувањата на граѓаните дека постгруевистичката власт ќе се справи и ќе ги санкционира овие но и сите други сегменти од извршната или, пак, од законодавната власт што се огрешија од законот, како меури од сапуница се распрскаа со секој поминат ден во кој застаруваа кривичните дела за организиран криминал и корупција од големи размери, со секоја вратена пресуда, намерно напишана така да има пропусти, со секоја жалба криена во фиоките на повисоките судови, сè до моментот на застарување на делото. И никому ништо, освен горчлив вкус во устата.

И кога некој (олицетворен во незаконски сменетата претседателка на РСС) ќе се одважи да ги лоцира и ќе се обиде да ги санкционира оние судии за кои и малите деца знаат дека дејствувале спротивно на законите, се појавуваат заштитниците од сенка и преку своите послушници успеваат да го осуетат тој обид за колку толку, повикување на одговорност и казна за она што е незаконски направено. Тие не почитуваат ниту закон, ниту процедура, туку само гола математика (и таа непресметана до крај) и со тоа праќаат порака дека никој не е над моќта, парите и влијанието и дека секој оној што ќе посегне по правдата, ќе го снајде она што ја снајде и Весна Дамева. Колку обесхрабрувачки за оние малку останати, желни за право и правдина.

Пратениците, пак, во Собранието на РСМ, од сите партии, вери и националности, се однесуваат како рогови во вреќа кога на дневен ред е некое прашање поврзано со подобрувањето на и онака катастрофалната состојба на граѓаните. Од друга страна, пак, кога треба да се делат пари од буџетот за политичките партии или, пак, дневници и патни трошоци, по принципот „сложни попови и во петок мрсат“, едногласно и за многу кусо време постигнуваат консензус. Камо така да се однесуваа за виталните и битни прашања поврзани со функционирањето на државава, каде ќе ни беше крајот?

Та дури една година пред изборите си се договорија да си ги почнат предизборните кампањи и да ги трујат граѓаните, уште од сега, со своите „достигнувања и ветувања“. Па што ако е тоа спротивно на законот ако ние си се договориме така и „рамо до рамо“ ќе ви објаснуваме дека „ова е Македонија.“

Извршната власт е приказна за себе; како во фиоките на Илинденска бр.2 да ги најдоа прирачниците на Груевски насловени „Како да е сè по закон“ и почнаа без тендери и во четири очи да склучуваат договори вредни повеќе стотици милиони евра собрани од џебовите на даночните обврзници. Како тие пари да не се од буџетот, туку како да ги наследиле од своите дедовци.

Згора на сето ова, сите заедно си ги тријат рацете броејќи си ги платите зголемени за 78%, во исто време кревајќи ги рамениците, и велејќи што да правиме, таква е одлуката на судот, а таа не се коментира, па нели сè е по закон.

Си го поставувам прашањето: Уште колку пониско морално може да паднат „нашите“ носители на јавни функции? Не почитуваат ниту закон, ниту правила, ниту ред, ниту што би рекле постарите се плашат од Бога. До кога, до каде, уште колку пари треба да се искрадат, уште колку моќ треба да се има за да се каже: „Доволно ми е“. Каде завршуваат лакомијата, бескрупулозноста и немањето основно чувство за срам?

Дали во ова општество на искривени вредности и норми сè уште има луѓе, чесни, честити, правични, скромни, желни само да имаат пристоен живот за себе и за своите семејства и да обезбедат нормална иднина за своите деца? Или, пак, сите се иселија во потрага по нормална живеачка?

Премногу прашања, премалку одговори. Но, треба да се поставуваат прашањата и секој од нас да си ги најде одговорите кои ќе му помогнат во извршувањето на основната задача на секој граѓанин во една демократска парламентарна република, бидејќи одговорите на тие прашања ќе ни помогнат кога исправени пред гласачкото ливче ќе треба да одлучиме кој ќе ни ја крои судбината во следните четири години. Што се однесува до мене, тоа сигурно нема да биде никој од актуелните носители на јавни функции од било која партија, националност или вероисповед.

Пишувајќи го овој текст бев во дилема кој наслов да го одберам, да беше текстов наменет за јапонскиот пазар секако ќе беше насловен „Колективно харикири“, но далеку сме ние од Јапонија и нивното истанчено чувство за морал и етика, далеку сме, до душа и од моралниот восклик на Хамлет, бидејќи нашиве претставници немаат ни срам, ни морал, ни етика во своето однесување.

На крајот ќе завршам со уште еден цитат на уште еден генијалец, панонскиот морнар Ѓорѓе Балашевиќ, кој велеше: „Не се виновни примитивците што ја собраа маста. Плевелот никнува каде што ќе стигне. Секоја чест за нив. Криви сме ние. Од каде сите тие паразити поради кои ни загусте? Криви сме ние што ги пуштивме“.

(Авторот е адвокат)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот