
Нутриционистите советуваат: Гравот е одличен во борбата против дијабетесот, го регулира шеќерот
Кога размислуваме за јаглехидратите, ретко на кој прво нешто што ќе му падне на ум се – мешунките. Но, токму во оваа едноставна намирница се крие вистинската хранлива моќ, која може да помогне во нешто многу поважно од самата ситост – стабилизирање на шеќерот во крвта.
Препорачано
„Мешунките се сериозно потценети кога зборуваме за регулирање на шеќерот во крвта“, рекла нутриционистката Никол Ибара.
Станува збор за јаглехидрати кои лесно можеме да ги вклучиме во салатите, супите или тортилјите. Освен што се достапни и лесни за подготовка, мешунките се богати и со хранливи материи.
Еве четири причини зошто треба почесто да имаме грав и слична храна во нашите оброци.
Богати се со влакна кои го стабилизираат шеќерот
„Влакната го забавуваат ослободувањето на јаглехидратите во крвотокот, што го стабилизира шеќерот во крвта“, објаснува диететичарката Сара Анзловар.
Шолја варен црн грав содржи околу 17 грама влакна – повеќе од половина од дневната препорака.
Тие се извор на растителни протеини кои ја продолжуваат ситоста
Освен влакна, гравот содржи и околу 15 г растителни протеини по шолја. Протеините се варат побавно од јаглехидратите, што помага за подолго чувство на ситост и постабилно ниво на шеќер во крвта, истакнува Анзловар. Истражувањата покажуваат дека растителните протеини придонесуваат за подобра контрола на гликозата и го олеснуваат слабеењето кај луѓето со дијабетес тип 2, пишува „Итинг вел“ (EatingWell).
Имаат низок гликемиски индекс
Мешунките не предизвикуваат нагли промени на шеќерот во крвта, бидејќи полека се разградуваат, благодарение на комбинацијата на влакна и протеини. Идеални се за лица со преддијабетес и дијабетес, но и за сите што сакаат да одржуваат енергетска рамнотежа во текот на денот.
Тие се одличен извор на магнезиум
Освен калиум и бакар, мешунките содржат и магнезиум – минерал важен за регулирање на шеќерот. Една шолја варен црн грав обезбедува околу 120 мг магнезиум, што е речиси 30 отсто од дневната препорачана количина. Поголемиот внес на магнезиум е поврзан со помал ризик од развој на дијабетес.
Како да ги вклучите мешунките во исхраната?
Додадете ги во салати – наутот, црвениот или црниот грав се идеални како додаток во свежите оброци.
Направете густа супа или чорба – како крем супа од бел грав или чорба со месо.
Послужете ги како прилог – како поздрава и позаситна алтернатива на компирот.