Нуредини вели дека Грци дале „прифатлива понуда“ за мегапроектот ХЕЦ „Чебрен“, кој се најавува 50 години

Чебренскиот манастир и кањонот на реката Црна / фото: Кирил Симеоновски / Wikimedia

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа прес-конференција за напредокот на постапката за доделување на концесија за користење на водите на Црна Река за изградба на хидроцентрали. Денеска до 11 часот беше крајниот рок за доставување и отворање на понудите за изградба и менаџирање на ХЕЦ „Чебрен“ во јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, проект за кој постапката е започната на 17 јануари 2020 година со донесување на Одлука на Владата.

Станува збор за изградба на голема хидроцентрала во Мариово, кој се најавува најмалку 50 години и помалку или повеќе беше дел од плановите на сите досегашни влади во независна Македонија.

Согласно записникот на Комисијата, пристигнати се понуди од две компании, од Конзорциумот „ППЦ“ и „Чиродрон Груп“ од Грција и од „ЕДФ“ од Франција.

Согласно записникот има две понуди – од кои е констатрирано дека понудата на грчкиот Конзорциум е прифатлива, а понудата на француската компанија ЕДФ е необврзувачка понуда и не е доставена бараната банкарска гаранција, информираше Нуредини.

„Ова е историски ден за енергетскиот сектор. Сакам да истакнам дека во целиот процес ние како Влада бевме максимално посветенени овој проект да успее, по 13 неуспешни обиди за 20 години. Затоа добро ги проектиравме условите и имавме слух за потребите на апликантите. Ова е постапка во вистинско време и како држава сме подготвени за успешна реализација на овој проект. Овие хидроцентрали ќе даваат балансна енергија, а проектот ќе се изведува како јавно-приватно партнерство, при што јавниот партнер ќе биде АД ЕСМ“, рече Нуредини.

По периодот на евалуација кој трае 60 дена, се очекува потпишување на договор, што треба да се случи до крајот на првата половина од 2023г. Првото производство на електрична енергија е проектирано да започне во 2028-2029г. Системот хидроцентрали на Црна Река треба да произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати и ќе претставува база на домашната енергетска мрежа, велат властите.

„Обврските во делот на инвестирањето целосно се на товар на приватниот оператор“, информираше Нуредини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот