
Проблеми во катната гаража „Разловечко востание“: Граѓани тврдат дека платиле годишна претплата, но системот „не ги пушта“ да паркираат – од АДИССДП негираат
Во катната гаража и натаму не работат лифтовите, скалите по кои треба да се симнуваат и качуваат луѓето се во темница и смрдат на фекалии, ѓубре на сите страни, а најново е дека на луѓето што платиле по 25 илјади денари за годишно паркирање веќе дваесетина дена системот не им ги отчитува картичките за да можат да влезат во гаражата.
Ужасната состојба во која се наоѓа катната гаража „Разловечко востание“, а за која секојдневно сведочат граѓаните што редовно се паркираат во неа, со години не се менува. Во гаражата и понатаму не работат лифтовите, скалите по кои треба да слезат луѓето што ги паркирале возилата, немаат осветлување и смрдат на урина и фекалии. Граѓаните се принудени да слегуваат по лентите по кои се искачуваат и симнуваат возилата, стравувајќи дека може да ги удри некое возило, но едноставно немаат друг начин. Притоа, секој што се паркира во гаражата, уредно си плаќа за услугата.
Препорачано
Некои граѓани што имаат потреба секојдневно да ја користат гаражата, на претпријатието што стопанисува со овој простор, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, односно поранешен ПУИГ, му плаќаат однапред за цела година. Е, токму тие веќе дваесетина дена не можат нормално да влезат и да излезат од гаражата, сѐ додека не дојде некој од вработените да ја крене рампата, затоа што системот не им ги чита картичките.
Платено ми е уште на пред еден месец, 25 илјади денари претплата за цела година, а јас и покрај тоа се малтретирам секој ден. Морам на влез да земам картичка од автоматот, како и секој друг што се паркира на час или два, а кога си одам од работа, на излегување мора да дојде некој од вработените, па му ја покажувам уплатницата и тој ми ја отвора вратата. А што доколку некој не ја носи со себе уплатницата или ја изгубил? Се работи за најмалку 50-ина луѓе кои го поминуваат истото секојдневно, судејќи според редицата која се формира при излез и нервозата на вработените што мора да стојат покрај рампата и да ја отвораат – вели скопјанка, која сака да остане анонимна за да нема дополнителни непријатности.
Таа посочува дека вработените во гаражата објаснувале дека не работи некој рутер поради што не се очитуваат нивните картички со годишна претплата.

Но, од претпријатието тврдат сосема друго.
По добиени сознанија за реакции на дел од нашите корисници, а во интерес на брзо и експедитивно разјаснување на ситуацијата, извршен е увид на системот од страна на економскиот оператор кој е задолжен за регулирање на влезот и излезот од паркиралиштето. По извршена детална проверка на листата на записи, утврдено е дека дел од корисниците на годишни карти во изминатиов период се обиделе да влезат со истечени картички, што според перформансите на системот, веднаш се евидентира во системот во лог на настани наменет за следење на сите активности – велат од АДИССДП.
Но, оттаму не објаснуваат зошто не можат да влезат ниту оние што уредно, дури и предвреме ја платиле годишната претплата. Наместо тоа, од претпријатието ги повикуваат сите корисници што не уплатиле досега, да го сторат тоа.
Грижата за нашите корисници е меѓу основните заложби на АДИССДП, па оттука, во насока на потребата од надминување на ваквата ситуација ги повикуваме сите оние кои досега не ги продолжиле договорите за користење на оваа услуга, односно не извршиле уплата, да ја реализираат, а потоа потврдата да ја приложат кај нашите служби – порачуваат од претпријатието.

Оттаму избегнаа да одговорат и за ѓубрето и за состојбата на скалите по кои треба да слегуваат или да се качуваат луѓето за да си ги земат возилата. Во однос на лифтовите, две години на нашите прашања одговараа дека само што не почнала поправката на лифтовите.
Во насока на подобро и поефикасно работење на катната гаража „Разловечко востание“, ставањето во функција на лифтовите е меѓу основните приоритети на Секторот за стопанисување со станбен и деловен простор при АДИССДП. Во тек е постапка за избор за најповолен понудувач за сервисирање и одржување лифтови и лифтовски постројки, и веднаш по нејзиното завршување, односно во најкус можен рок ќе се пристапи кон поправање и оспособување на сите 4 лифта –одговорија од претпријатието пред две години.
Сега како што дознаваме од претпријатието, конечно завршила и тендерската постапка и избран е сервисер, но дали наскоро ќе биде оспособен барем еден лифт, останува да се види.
Ве известуваме дека откако неодамна беше потпишан Договор за избор на економски оператор за сервисирање и одржување лифтови и лифтовски постројки, веднаш беше пристапено кон поправка на трите лифтови кои ги користат закупците на деловните простории во објектот. Сите се ставени во употреба, и во наредните неколку денови ќе биде пристапено кон поправка на останатите 4 кои се на располагање на корисниците на паркингот – тврдат сега од АДИССДП.
Колку време ќе помине дотогаш е неизвесно. Неизвесно е и до кога ќе се малтретираат граѓаните чии пари за годишна претплата легнале на сметката на претпријатието со неговото неодговорното работење.
Каква е состојбата во катната гаража погледнете од видеото.