Фото: Pexels

Нова студија: Пилешкото може да го зголеми ризикот од рак и смрт, особено кај мажите

Кога експертите препорачуваат исхрана за поздраво стареење, здравје на срцето или намалување на ризикот од рак и хронични болести, честопати ја нагласуваат важноста на овошјето и зеленчукот, мешунките и немрсните извори на протеини како што се пилешкото месо и рибата.

Иако упатствата за исхрана сѐ повеќе се наклонети кон растителна храна, пилешкото месо сè уште се смета за поздрава опција меѓу видовите меса. Меѓутоа, новата студија објавена во списанието „Нутриенс“ (Nutrients) сугерира дека пилешкото месо можеби не е толку здраво како што се сметаше претходно.

Научниците ја проучувале врската помеѓу консумирањето живина, карциномите на гастроинтестиналниот тракт и ризикот од предвремена смрт. Терминот живина вклучува пилешко и мисиркино месо, месо од патка и диви птици како што се препелицата и фазанот.

Со анализа на податоците од 4.869 Италијанци на средна возраст во период од 19 години, кои ги пополнувале прашалниците за навиките во исхраната, откриено е дека луѓето кои починале од гастроинтестинални карциноми, како што се рак на дебелото црево, црниот дроб, панкреасот, желудникот, хранопроводот и на ректумот, имале највисоко ниво на консумирање бело месо, при што живината сочинувала 33 отсто во вкупниот внес на месото.

Луѓето кои јаделе повеќе од 300 грама живина неделно, што е еквивалентно на околу три ипол оброци од 85 грама, имале 27 отсто поголем ризик од смрт од која било причина. Кај мажите, тој ризик бил дури и за 61 отсто поголем. Кога се разгледува само ризикот од гастроинтестинален рак, консумирањето од 100 до 200 грама живина неделно е поврзано со 65 отсто поголем ризик од смрт, додека оние кои јаделе повеќе од 300 грама живина неделно имале 127 отсто поголем ризик, а кај мажите дури 161 отсто поголем ризик.

Колку пилешко е премногу?

Според оваа студија – колку помалку, толку подобро. Резултатите од студијата покажуваат дека внесот на живина треба да биде помал од 300 грама неделно.

„Нашите резултати покажуваат дека внесувањето на повеќе од 100 грама живина неделно е поврзано со зголемен вкупен ризик од смртност, особено од гастроинтестинални карциноми“, наведуваат авторите на студијата.

Ризикот се зголемувал пропорционално со количината на консумирано месо од живина, а резултатите биле уште поизразени кај луѓето кои јаделе поголема количина црвено месо.

Учесниците во истражувањето постари од 83 години кои јаделе помалку од 100 грама живина неделно имале двојно помал ризик од смрт од гастроинтестинален рак во споредба со оние кои јаделе повеќе.

Начинот на подготовка е исто така важен

Научниците истакнале дека и начинот на кој се подготвува живината може да влијае на здравјето. Пилешкото месо кое е подготвено на високи температури, како што е печење на скара или готвено долго време, може да создаде соединенија кои ја оштетуваат ДНК и потенцијално го зголемуваат ризикот од рак на дигестивниот систем.

Обрнете внимание на вкупниот внес на месо

Истражувачите откриле дека вкупната количина месо што ја консумира поединецот игра голема улога во зголемувањето на ризикот од смрт, дури и кај луѓе се хранат според медитеранскиот начин на исхрана.

Кај учесниците кои починале од други видови на рак, црвеното месо сочинувало повеќе од 65 отсто од вкупниот внес на месо, во споредба со 56 отсто и 58 отсто кај оние кои починале од гастроинтестинален рак или други причини. Повеќе од половина од смртните случаи поврзани со рак биле забележани кај луѓе кои консумирале повеќе од 400 грама месо неделно, дури и кога се хранеле според медитеранската исхрана.

„Веруваме дека е корисно умерено да се консумира живина и повремено да се заменува со други вредни извори на протеини, како што е рибата“, заклучиле авторите. „Исто така е клучно да се обрне внимание на методите за подготовка на храната и да се избегнуваат високи температури и долго готвење“, додадоа тие.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот