Фото: Профимедиа

Нова студија: Овој тип жени имаат многу висок ризик да заболат од рак на дојка

Научниците предупредуваат дека жените со вишок телесни масти имаат 30 отсто поголем ризик од развој на рак на дојка во споредба со жените кои се послаби, покажа една голема нова студија.

Во истражувањето била анализирана здравствената состојба на 168.547 жени во постменопауза, а резултатите јасно ја поврзале прекумерната тежина со зголемениот ризик од болести, пишува „Дејли мејл“.

Ризикот бил уште поголем кај жените кои страдаат од срцеви болести. Имено, за секои дополнителни 5 кг/м² телесна маса (БМИ), жените со срцеви заболувања имале 31 отсто поголем ризик од рак на дојка. Кај жените без срцеви болести, порастот на БМИ го зголемило ризикот за 13 отсто.

Пресметување на индексот на телесна маса

Индексот на телесна маса (БМИ) се пресметува така што вашата тежина во килограми се дели со квадратот од вашата висина во метри, а се користи низ целиот свет за да се процени дали некоја личност е неухранета, има здрава тежина, има вишок килограми или е дебела. Проценките покажуваат дека комбинацијата од дебелина и срцеви болести предизвикува 153 дополнителни случаи на рак на дојка на 100.000 жени годишно во споредба со очекуваните бројки.

Интересно е што дијабетесот тип 2 не е поврзан со зголемен ризик од рак на дојка, истакнале научниците од Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРК), тело кое работи во рамките на Светската здравствена организација (СЗО).

„Оваа студија треба да ги поттикне идните истражувања да ги вклучат жените со кардиоваскуларни болести во програмите за слабеење со цел спречување ракот на дојка“, рекол д-р Хајнц Фрајслинг, главен автор на студијата.

Резултатите сугерираат дека губењето на телесната маса може да го намали ризикот од рак на дојка кај жените, особено кај оние кои веќе имаат проблеми со срцето и крвните садови. Претходните истражувања покажаа дека масното ткиво произведува вишок естроген, хормон кој, при зголемени нивоа, може да го зголеми ризикот од развој на рак на дојка.

Раните симптоми на рак на дојка може да вклучуваат:

– грутка во дојката
– отекување под пазувата
– промена во големината или обликот на дојката
– исцедок од брадавицата
– вовлечена брадавица
– промена на кожата на дојката или црвенило

Дебелината кај жените кои преживеале рак на дојка го зголемува ризикот од смрт и до 80 отсто, а веројатноста за повторна појава на болеста до 70 отсто, покажа данска студија претходно оваа година. Доколку продолжат сегашните трендови, до 2050 година може да има дури 3,2 милиони нови случаи на рак на дојка годишно во светот, додека бројот на смртни случаи може да достигне 1,1 милион.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот