Фото: Профимедиа

Нова студија: Наједноставната навика го намалува ризикот од дури 13 видови рак, но малкумина го прават тоа

Денешниот начин на живот, кој вклучува многу седење, за жал, е голем ризик од многу сериозни болести, вклучително и рак. Но, дали нешто толку едноставно како одењето може да обезбеди вистинска заштита?

Се испоставило дека одговорот може да биде потврден, бидејќи сè повеќе истражувања покажуваат дека редовната физичка активност може да го намали ризикот од рак. Најновите наоди од Универзитетот во Оксфорд дополнително ја потврдуваат таа идеја.

Според големата студија во која учествувале повеќе од 85.000 луѓе во Велика Британија, колку повеќе чекори правите секој ден, толку е помала веројатноста да добиете 13 различни видови рак, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Во истражувањето, учесниците носеле уреди за следење на активноста кои мереле колку се движеле. Во просек, научниците ја проверувале нивната состојба по шест години. Тие откриле јасен образец: повеќе чекори значеа помал ризик од рак, без оглед на тоа колку брзо тие чекори биле правени.

Придобивките почнаа да се забележуваат уште со околу 5.000 чекори дневно – под таа бројка заштитата била минимална.

На 7.000 чекори, ризикот од развој на рак се намалил за 11 отсто, а на 9.000 чекори за 16 отсто. Над 9.000 чекори, дополнителната придобивка опаѓала и разликите станале маргинални, со мали варијации помеѓу мажите и жените.

Овие наоди ја поддржуваат општата препорака дека цел е 10.000 чекори дневно – не само за општо здравје, туку и потенцијално за превенција од рак.

Овој однос помеѓу бројот на чекори и ризикот од болести се задржал дури и откако резултатите биле коригирани за демографските податоци, индексот на телесна маса и други фактори на животниот стил, како што е пушењето, што укажува дека намалувањето на ризикот навистина се должи на просечниот број на дневни чекори.

Беше анализиран и интензитетот на одењето, т.е. брзината на одење. Побрзото одење било поврзано со помал ризик од болести, но кога се земала предвид вкупната физичка активност, брзината повеќе не правела значајна статистичка разлика. Со други зборови: најважно е вкупниот број на чекори, а не темпото.

На ист начин, секоја лесна физичка активност наместо седење го намалувала ризикот од рак – но преминувањето од лесна на умерена активност не донело дополнителни придобивки. Значи, најважно е да се движите повеќе, без оглед на брзината.

Научниците го испитувале ризикот од 13 специфични видови на рак: хранопровод, црн дроб, бели дробови, бубрези, желудник, матка, миелоидна леукемија, миелом, дебело црево, глава и врат, завршниот дел од дебелото црево (ректум), мочен меур и гради.

Во текот на шестгодишното следење, околу три отсто од учесниците страдале од една од овие болести. Најчести биле ракот на дебелото црево, ректумот и белите дробови кај мажите и ракот на дојка, дебело црево, матка и бели дробови кај жените.

Поголемата физичка активност била посебно поврзана со намалениот ризик од шест видови рак: желудник, мочен меур, црн дроб, ендометриум, бели дробови и глава и врат.

Претходните студии се потпираа на самоизвештаи за активноста, што може да биде несигурно – луѓето често забораваат или прават погрешни пресметки. Во оваа студија се користеле носливи уреди, кои дале попрецизен увид во тоа колку и со колку интензитет се движеле учесниците.

Друга особеност на оваа студија е тоа што не се фокусираше само на напорни вежби. Многу претходни студии покажаа дека интензивниот тренинг може да го намали ризикот од рак – но не секој може да оди во теретана или да прави тежок тренинг. Ова ново истражување покажува дека дури и лесната активност како одењето може да направи разлика, правејќи ја превенцијата од рак подостапна за сите.

Одењето приближно 4.000 чекори дневно, или околу 40 минути лесно одење, може да има значително влијание врз вашето долгорочно здравје. И не мора да го правите сето тоа одеднаш: поделете ја вашата прошетка на делови во текот на денот – качувајте се по скалите наместо со лифт, прошетајте накратко за време на паузата за ручек, одете додека разговарате по телефон, паркирајте малку подалеку од вашата дестинација.

Преземањето повеќе чекори во вашата дневна рутина, особено во средната возраст, може да биде еден од наједноставните начини да го намалите ризикот од развој на одредени видови рак.

Секако, односот помеѓу физичката активност и ракот е комплексна. Потребни се долгорочни истражувања, конкретно фокусирани на поединечни видови на рак, за подобро да се разбере зошто одењето помага и како можеме да го направиме вежбањето редовен дел од стратегијата за превенција од рак.

Но, засега, пораката е јасна: седете помалку, движете се повеќе – а одењето може многу да направи за вашето здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот