„НМК“ налепницата го победи менувањето на табличките

И ако оваа владина одлука на граѓаните ќе им заштеди 1.600 денари, на транспортерите ќе им го скуси трошокот од 5 до 10.000 евра

Владата ја донесе Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблички, на предлог на МВР, а според министерот Оливер Спасовски, тоа значи дека „со ставањето на овие налепници, ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, кои се поврзани со бројот на регистарската табличка, а истовремено во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија“.

Билјана Муратовска од „Макам транс“ за „Слободен печат“ ја поздрави одлуката на Владата, која ќе им заштеди и време и пари и на граѓаните и на транспортерите и порачува дека сега треба да се известат ЕК и другите земји дека ова е официјална владина одлука за да нема проблеми при преминувањето на границите. И ако оваа владина одлука на граѓаните ќе им заштеди 1.600 денари, на транспортерите ќе им го скуси трошокот од 5 до 10.000 евра.

-По ова, МВР во најскоро време ќе изготви измена на постојниот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање и граѓаните ќе може со минимални трошоци да ја завршат и оваа граѓанска обврска – информира Спасовски на Фејсбук.

Освен стотиците илјади граѓани, во согласност со обврските од Спогодбата со Грција и над 30 илјади македонски транспортери, требаше да ги заменат регистарските таблички и да вметнат ознаката „НМК“ до 12 февруари 2024 година. Генералната секретарка на „Макам транс“, уште на почетокот на годинава предупреди дека не е во прашање само замената на табличките, прецизирајќи дека со процесот следи и замена на сет од најмалку 20 други документи, кои се поврзани со регистарскиот број на камионите. Дел од овие документи се вадат во странство, за што е потребно време и дополнителни средства. За да се избегнат поголеми застои, особено за возилата што се набавени и првпат регистрирани во државава до 9 јануари 2021 година, од кога и за првпат се изработуваат табличките со ознаката „НМК“, токму од „Макам транс“ произлезе барањето на камионите да се става посебна налепница при редовната регистрација на возилата, а секое ново набавено возило да добие регистарски таблички со ознаката „НМК“ како и досега. Исто така се бара допрецизирање на член 37 од Законот за возила за издавање дупликат таблички, по примерот на некои држави членки на ЕУ.

-Обезбедувањето и измената на сите потребни документи трае долго, што значи дека превозникот покрај плаќање на секоја услуга поодделно по возило, губи минимум три превози во одење и враќање во државата, што значи неостварени превози минимум во бруто-вредност од 3.000 до 10.000 евра во зависност од релацијата – прецизира Муратовска.

Од „Макам транс“ напомнуваат дека и во изминатиот период превозниците што вршат превоз на стока за, од и низ територијата на Грција, ставале налепници со ознаката „НМК“ и немале проблеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот