
НКП на Левски ги повика навивачите на Шкупи да не патуваат во Бугарија
Шкупи во Софија ќе патува со негатива од 0:2 против Левски по првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига. Овој дуел на Националната арена „Тодор Проески“ УЕФА го прогласи за меч од висок ризик.
Препорачано
Европската фудбалска куќа се очекува да поведе дисциплинска постапка против Шкупи и Левски за инцидентите поврзани во Скопје. Еден бугарски државјанин беше тешко повреден со нож, а девет навивачи на Левски беа приведени. Инцидентот се случи пред одржувањето на натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија). Од МВР информираа дека повредениот навивач се здоби со тешки повреди, но е во стабилна состојба.
Поради дискриминаторско скандирање од страна на навивачките групи на двете страни се очекува Дисциплинското тело на УЕФА да отвори истрага, а воедно за време на овој меч беа користени факели и други недозволени пиротехнички средства што е во спротивност со правилникот на УЕФА.
Неславен резултат на натпреварот Шкупи – Левски: 21 приведен – 1 повреден
Веќе фокусот е насочен кон реваншот кој ќе се игра на 3 август од 19.00 часот по локално време на стадионот „Георги Аспарухов“ во Софија. Националниот клуб на поддржувачите на Левски Софија (НКП) ги повика навивачите на фудбалскиот клуб Шкупи да не патуваат во Бугарија, со цел да се избегнат нови инциденти.
– НКП на Левски има цврст став за претстојниот реванш в четврток. Навивачите на Шкупи да не доаѓаат. Софија не е место за шетање, а уште повеќе по инцидентот во Скопје. Левски има славна историја, а гостите нема пријатно да поминат во нашиот главен град, кој е веројатно најдоброто место што чаирчани можат да го посетат во својот живот. Откажете го патувањето во Бугарија! Овој пат нека надвладее разумот! Може да има само еден победник! И тоа сме ние! Сите на стадион и само Левски! – стои во објавата на НКП.