Њујорк Тајмс: Жителите на косовските села се уморни од конфликти, велат дека се чувствуваат како да се во џунгла

Косово барикади срби EPA/VALDRIN XHEMAJ CORRECTING DATE

Малото село Бањска, вгнездено во зелените долини на северно Косово, неодамна е во центарот на тензиите кои би можеле повторно да го втурнат овој  регион во конфликт со Србија, пишува американскиот весник Њујорк Тајмс.

Минатата недела вооружени Срби упаднаа во селото и се вклучија во смртоносен судир со косовските сили, што предизвика војна со зборови преку границата и засилување на српската војска долж границата со Косово, што Белата куќа го прогласи за „дестабилизирачко“, пишува весникот.

Синиша Јанковиќ, дрвосечач од Бањска, рече дека слушнал силни пукотници ноќта додека „беснеела“ битката. Тој додава дека сега веќе е загрижен и што ќе јаде, бидејќи селото е блокирано со денови од специјалните косовски полициски сили. Јанковиќ рече дека морал да шверцува храна низ блиската шума од Србија.

„Многу сум уморен од сето ова“, вели Јанковиќ додека пие пиво од лименка на терасата на барот покрај улицата напуштена од сите освен косовските полицајци во фантомки, вооружени со пушки.„Не знам дали српската војска ќе интервенира. Не знам што ќе прават Косовците. Не знам дали утре ќе имам храна на масата“, вели тој.

Локалните жители се „беспомошни и неми“ меѓу политиката на Белград и Приштина, вели Миодраг Милиќевиќ, претседател на Актива, група која промовира дијалог меѓу етничките Срби и граѓанското општество и властите на Косово.

„Тоа е борба за територија, а не за луѓе“, вели тој.

Американскиот весник пишува дека контроверзниот политичар и бизнисмен Милан Радоичиќ признал дека учествувал во нападот во селото Бањска, а подоцна тврдел дека официјален Белград нема никаква врска со тоа.

„Не гледам како оружјето можеше да биде испорачано на друг начин освен од Србија“, вели Ненад Радосављевиќ, политичар и новинар од косовските Срби, кој работеше со Обединетите нации за да се обезбеди мир во областа по војната.

„Њујорк тајмс“ потсетува и на кризата со регистерските таблички на автомобили минатото лето, кога косовскиот премиер Аљбин Курти инсистираше на тоа дека сите возила имаат косовски регистарски таблички, а Србите одговорија со поставување барикади и судири со полицијата.

Сега од возачите се бара да ги покријат српските ознаки на нивните регистарски таблички со бела налепница – додека покрај патиштата во северно Косово се наредени српски знамиња, потсетувајќи на определбата на локалното население.

„Тоа е апсурдно“, вели Серѓан Анѓелковиќ, механичар кој живее во Звечан, село неколку километри јужно од Бањска. Неговото семејство остана „заглавено“ во бирократските процедури додека се обидуваше да ја премине линијата со Србија, додаде тој.

„Двете страни го претворија ова место во џунгла“, рече Анѓелковиќ во својата гаража која беше исполнета со силен мирис на масло од десетици мотори наредени на полиците. „Би сакал да знам кој раководи со ова место“.

Повеќето од локалните жители, пишува Њујорк Тајмс, би сакале тоа да биде Србија. Се уште плаќаат во српски динари. Скоро сите зборуваат само српски. „Ова е Србија“, пишува на голем транспарент на патот што води кон Лепосавиќ, град во северно Косово, кој исто така е блокиран од импозантен контролен пункт управуван од косовските сили.

Но, многу Срби се повеќе чувствуваат дека нивната мака им служи само на лидерите во Белград и Приштина да освојуваат политички поени и да ги подгреваат националистичките чувства.

„Заглавени сме во его играта на двајцата лидери“, вели Рада Трајковиќ, долгогодишна српска политичарка и активистка во Косово. „Постапките на двете страни повторно ги разгореа старите етнички омрази наместо да промовираат помирување“, додаде таа“.

Дрвосечачот Јанковиќ, рече дека повеќе не може да оди и да сечка дрва во шумите на Бањска бидејќи косовските специјалци, чиј јазик не го разбира, го блокирале тој простор.

Миличевиќ, првиот човек на Актива, рече дека дијалогот меѓу Србија и Косово најчесто е прекинат и ја обвини меѓународната заедница дека не обрнува доволно внимание на растечките тензии во последните месеци и не реагира „доволно брзо на тие закани и очигледно негативни навестувања“, со притисок врз двете страни да се вратат на преговарачка маса.

Разговорите меѓу двата соседа под покровителство на Европската унија повторно пропаднаа, а Косово продолжува да одбива да го спроведе договорот од 2013 година, кој им вети на косовските општини со мнозинско српско население форма на самоуправа, пишува Њујорк Тајмс.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот