Ништо без „странски сили“ во борбата за Гоце Делчев  

Олеснувачи Лично сметам дека една таква медијација, едни такви неутрални аутсајдери, би рекол, кои не се дури емотивно внесени во овој проблем, можат да бидат од корист на Комисијата, вели Драги Георгиев за понудата од Австрија.

Без никаков напредок заврши и последната средба што ја одржа деновиве мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Се разговараше за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна.

Двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат била различната перспектива за средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови.

– Не гледам желба за напредок кај бугарските колеги, а тоа се должи на политичката ситуација во Бугарија. Бидејќи Гоце Делчев беше на дневен ред рековме да дискутираме за Делчев, меѓутоа бугарските колеги одбија. Рекоа да продолжиме со учебниците. Јас мислам дека тој однос кон работата на бугарските колеги во последните три средби се должи на ситуацијата во Бугарија, предизборната кампања, сега на недостигот на политичка влада и е воочливо кај бугарските колеги тоа отуство на желба да се постигне нешто повеќе во работата – изјави Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во мешовитата Комисија во интервју за Сител.

Тој смета дека ќе биде од корист ако се реализира предлогот на Австрија за меѓународно посредништво и на европратеникот Андреас Шидер за вклучување тројца надворешни експерти историчари во работата на Комисијата.

– Лично сметам дека една таква медијација, такви неутрални аутсајдери, би рекол, кои не се дури емотивно внесени во овој проблем, можат да бидат од корист на Комисијата. Ваквиот предлог беше даден од македонска страна уште на првата средба со нашите бугарски колеги и првиот состанок во Софија и за жал морам да кажам дека бугарските колеги тоа го одбија со образложение дека тие колеги не го познаваат доволно нашиот проблем, дека тоа е само наш билатерален проблем и оттогаш воопшто повеќе не стана збор за тоа – вели Георгиев.

Според него, Бугарија тешко дека ќе го смени ставот во однос на историското минато за Македонија, зашто постои голем консензус и хомогеност кај меинстримот историчари во Бугарија. Но, Георгиев верува дека може да се промени третманот што го има оваа Комисија и овој проблем во македонско – бугарските односи. „Доколку следните политички елити кај нас и во Бугарија ја тргнат Комисијата и овој проблем од билатералните односи во Бугарија, политичките односи, тогаш верувам дека може да се постигне и побрзо решение за некои прашања, но и дека Комисијата ќе работи во многу порелаксирани услови“.

Петар Тодоров, член на Комисијата, тврди дека колегите од Бугарија постојано се се обидуваат да го наметнат само нивното гледиште по однос на отворените прашања. Вели дека македонските членови предложиле деполитизација на работата на Комисија, водејќи се според принципите на УНЕСКО, Советот на Европа и други меѓународни организации и со надеж дека со мултифункционален пристап, ќе има простор да се решат отворените прашања, а не со наметнување на едно гледиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот