Непотребните лимени ковчези, златна кокошка за погребните фирми

Ковчег со мртво тело како последица на коронавирусот / Фото: Профимедиа

Погребот за починат од ковид-19, според протоколите во Македонија, не налага телото на покојникот да биде погребано во лимен сандак, без оглед дали станува збор за лице што починало дома или во болница. Така е од почетокот на пандемијата до денес, меѓутоа некои погребни претпријатија ги подготвувале телата на покојниците за испраќање во вечноста во лимен сандак, без воопшто да ги прашаат семејствата или да им стават до знаење дека лимениот сандак се става по нивни избор. Токму лимениот сандак, кој е скап, придонесува крајната фактура за погребните услуги да биде многу повисока од стандардната.

На почетокот на пандемијата, во 2020 година, кога на светско ниво имаше недоумици за начинот на кој треба да се вршат погребите и да се ракува со телото на оние што починале од ковид-19, се остави можноста да се вршат погребите со два ковчега, иако тоа и тогаш не беше задолжително. Владата има објавено протокол за безбедно управување со мртво тело во контакт со ковид-19, Протокол број 70, кој налага да се затворат сите отвори на телото или рани што може да ги има пациентот, со употреба на памучни топчиња или газа натопена во средство за дезинфекција што содржи хлор, телото да се завитка во чаршаф натопен со средство за дезинфекција што содржи хлор, потоа да се стави во ќеса и да се постави во сандак. Воопшто во протоколот не се споменува лимен ковчег.

Ова ни го потврди и доктор Ирина Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Единствен исклучок е кога покојникот се погребува во странство и тогаш мора да се транспортира во лимен сандак.

– ДСЗИ врши надзори во однос на постапување со починати лица меѓу здравствените установи и овластените оператори за погребни услуги, но само до моментот на потпишување записник што го изготвува операторот и е потпишан од двете страни, установата која го предава и операторот кој го презема телото – вели Бухова.

„Слободен печат“ поседува фактури од извршени погреби од април 2020 година каде што ставката „лимен сандак“ е наплатувана од 13.500 до 16.900 денари, во зависност од големината. Притоа погребните претпријатија се повикувале на член од Законот за заштита на населението од заразни болести, каде што се вели дека погребување, ископување и пренос на телото на починато лице од заразна болест се врши под услови и начин што оневозможуваат ширење на заразата. Меѓутоа, во законот точно се наведени болестите на кои се мисли, а во нив не припаѓа ковид-19, туку ебола, жолта треска, хеморагична треска и други инфекции.

Во некои градови од внатрешноста, погребните претпријатија вршеле притисок на состаноци со директори на клиниките да не дозволуваат телата на починатите од ковид-19 да бидат изнесени од болниците доколку не се ставени во лимен саркофаг. Ова сепак не било прифатено од директорите, затоа што не е предвидено со протоколите.

Од погребниот сервис АД „Бутел – Скопје“ за „Слободен печат“ велат дека е измината една година откако е донесен протоколот за постапување со починати лица од ковид-19 објавен на веб-страницата на Министерството за здравство.

„Ние како лиценциран и најголем оператор строго се држиме до сите правила препораки и сите наши странки се услужени со големо внимание. Во изминатиот период нема забележано никакви пријави, ниту поплаки од граѓани, ниту прекршувања на протоколот од операторите, бидејќи веќе сѐ е јасно регулирано околу начинот на извршување на погребите за лица починати со ковид-19“, се вели во одговорот од АД „Бутел“, кое, како управител на градските гробишта во Скопје, е надлежно да води грижа за правилно извршување на погребите од сите погребни оператори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот