Неподнослива леснотија на трошење јавни пари

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Најскапата струја што воопшто може да се најде на пазарот ја купувале министерствата за економија, за труд, за образование, за здравство, за правда, за внатрешни работи, за образование, за локална самоуправа, многу општини, основни и средни училишта, јавни претпријатија и државни институции. Додека државата најавува враќање на евтината струја на граѓаните, по заобиколен пат плаќаме скапа струја додека сме дефокусирани со гаќите на некоја старлета како најчитана содржина.

„Слободен печат“ објави голем скандал – повеќе од 200 институции, од министерства, па до јавни претпријатија – си купувале струја како да се во крајна нужда, пред свршен чин. Небаре ќе останеле без снабдувач, па си купувале струја од „ЕВН хоум“, кој ја има лиценцата како „снабдувач во краен случај“.

Нормално, оваа струја е најскапа. Но, што им е гајле на институциите за тоа?! Не плаќаат од свој џеб. Си плаќаат од народни пари. Ако се министерства – од буџет, ако се јавни претпријатија – од некоја јавна услуга за која се земаат пари од народот. А кога ќе дојде време за квалитетот на услугата, тогаш – ќе нема пари, се разбира. Ако се училиште (а такви на списокот има многу), тогаш е полесно да побараат од родителите да донесат тоалетна хартија отколку да помислат што прават со парите што им се доверени.
Зошто државните и јавните институции го прават ова? Немаат кадар да им прави набавки преку трговци?

Да појасниме – тие не можат да си купат струја како обичен граѓанин или како некоја мала фирма, тие мора да одат на слободниот пазар. Што предвидува процедура според која би требало да објават тендер, да изберат снабдувач и да ја одберат најдобрата понуда. Не знаат тоа да го прават? Па, во државата има повеќе од 170.000 вработени во државниот и во јавниот сектор!? Нема доволно кадар или нема желба? Или е нешто трето во прашање. За тоа трето би требало да се позанимава Државната комисија за спречување на корупција. Оваа институција треба да даде јасен и недвосмислен одговор – има ли некој кому му одговара да ѝ дава пари на „ЕВН хоум“ за струја што според регулативата е 20 отсто поскапа од берзанската.

Неофицијално од Владата брифираат дека за постапките во секоја институција, треба да одговара тој што е на чело на институцијата. Тој своите постапки треба да ги брани пред оној што го поставил. Министрите ги поставила Владата. Зошто тогаш Владата молчи. Вакво прашање и официјално поставивме уште минатата недела, но додека се пишуваат овие редови, од другата страна наместо одговор – само еден неподнослив молк за трошењето народни пари.

Според списокот што го доби „Слободен печат“ од „ЕВН хоум“, повикувајќи се на законот за слободен пристап до информациите, најскапата струја што воопшто може да се најде на пазарот ја купувале министерствата за економија, за труд, за образование, за здравство, за правда, за внатрешни работи, за образование, за локална самоуправа, потоа многу општини, основни и средни училишта, јавни претпријатија и државни институции. Според регулативата, пак, оние што ќе останат без снабдувач, за да не останат без електрична енергија, може да се снабдуваат од „ЕВН хоум“, но најмногу до 90 дена. На списокот има институции што тоа го прават и три години. Врв на овој скандал е што таква струја купувало и Министерството за економија. За волја на вистината, не за сите свои мерни места. Но, и едно да е – скандал е! Министерството за економија е одговорно за енергетиката во државава. Каква поука дава тоа на другите?!

Прашање е и како тоа „ЕВН хоум“ може да снабдува некого со струја подолго од 90 дена. Оттаму ни одговорија дека може да исклучат корисник што ќе го пречекори овој праг, но не ни одговорија дали тоа некогаш го направиле. Според регулативата, пак, точно е нагласено дека тие не смеат да одбијат некого ако остане без струја да се приклучи на нивниот систем и да добива струја од “снабдувач во краен случај“. Никаде нема децидни санкции – што ако се пречекори границата од 90 дена.
Фрустрирачки е и што јавноста не се „залепи“ или вознемири од овие сознанија на „Слободен печат“. Станавме имуни на вакви скандали, а глобално завладеа системот на искривени вредности. Додека државата најавува враќање на евтината струја за граѓаните, по заобиколен пат плаќаме скапа струја додека сме дефокусирани со гаќите на некоја старлета како најчитана содржина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот