Нема приближување на ставовите меѓу власта и опозицијата за законот за ЈО

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Нема приближување на ставовите ниту најава за нова средба меѓу власта и опозицијата, а неизвесно е и денешното продолжение на седницата на Комисијата европски прашања за Законот за јавното обнивинителство.

Камен на сопнување, како што вели министерката за правда Рената Дескоска, останува статусот на предметите на СЈО. Во четвртокот почна седницата на Комисијата за европски прашања на која се разгледува законот за јавно обвинителство. Притоа беа усвоени десет амандмани, а претседателот на Комисијата, Артан Груби рече дека претстои усогласување на работните групи за преостанатиот 41 амандаман.

Власта и опозцијата вчера повторно си упатија меѓусебни обвинувања за тој кој е виновен за кочењето на законот.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја обвини министерката за правда дека е основната пречка што преговорите за законот за јавно обвинителство не се завршени.

Дескоска, пак, му возврати да си погледне во сопствениот двор и да се праша какви позиции застапува неговата партија во разговорите за законот. Според неа, изјавата на Мицкоски е крик на немоќ, крик на фрустрација, бидејќи вистинската намера на нивните позиции во однос на законот за јавно обвинителство е разобличена.

-Се додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат… Во интерес на вистината морам да кажам дека целиот наш четворочлен тим е апсолутно обединет во бранењето на црвените линии – правда и правна држава, што ја прави мојата позиција како водач на тимот многу комотна. И на крајот: Мицкоски, размислете добро уште еднаш дали вреди интересите на Вашиот лидер зад сцената да ги ставате пред интересите на граѓаните, пред исполнување на нивната потреба за правда и правичност и желбата за евроинтеграција! Времето истекува”, истакна Дескоска.

Од СДСМ велат дека, сепак, се оптимисти и се надеваат дека ќе се обезбеди потребното двотретинско мнозинство. Според нив, најдобро посакувано решение е законот да се изгласа со консензус на собраниската седница која според најавите треба да се одржи на 10 септември. .

Од партијата велат и дека доколку не се постигне договор, тогаш Советот за јавни обвинители согласно законот треба да назначи в.д. специјален јавен обвинител, а не е исклучена можноста да се одржи и лидерска средба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот