Некој мора да плати за платите на функционерите!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Ако не почне да се работи на секое поле, вклучувајќи и на нормално законодавство и на негова нормална примена во државава, ќе си останат само пратеници и министри, па нека си кројат коефициенти за своите плати, само ако има од што да си ги наплатат. Затоа што и буџетот се празни, поточно тешко се полни.

Укинување член од закон, што треба да предизвика значајно зголемување на платите на сите именувани функционери, што значи – на претседателот на државата, на премиерот, на министрите и на уште еден куп „државници“, уште еднаш покажа дека кај нас се носат контрадикторни закони, без да се мисли. Реално, за ова зголемување, што сега според закон би требалo да го имаат именуваните функционери, не се виновни тие. Секако, ненормално е во ова, или во кое било друго време, наеднаш да имаат зголемување на плата од 78 проценти, што барем според најавите од Владата тоа нема да се случи.

Но, што, всушност, се случи? Како дојде до тоа да треба да има зголемување на функционерските плати за 78 проценти? Замислете во законската регулатива во еден член има фиксен износ од кој почнуваат сите пресметки на платите на функционерите и тој изнесува 26.775 денари, а во друг член пишува дека таа почетна сума за пресметките е всушност републичкиот просек на платите во претходната година. За вакви закони некој треба да добие дебела единица.

Бидејќи ваква регулатива е ненормална – се нашол некој што побарал од Уставниот суд да каже што да се прави. И Уставниот суд го укинал паушалниот износ и образложил: „Измените на основицата, законодавецот ги правел со внесување самостојни одредби во законите за изменување и дополнување на основниот закон, без притоа да интервенира во основната одредба од член 11 од Законот, која го уредува начинот на пресметување на основицата што гласи – Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“. Оваа одредба со оваа содржина сѐ уште постои во правниот поредок, бидејќи од 2008 година (кога е избришан зборот „нето“), не е изменета.

Бидејќи оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник “ сега лекот, како што кажаа и од Владата е во изменувањето на коефициентите за пресметка на плата. Ако тие се намалат, а со нив се множи ова основица која всушност е просечна плата во државата за лани, зголемувањето нема да биде до 78 проценти. Но, колку ќе биде? Допрва треба да се донесе „тешката“ одлука за вагање на вредностите: кој колку пати повеќе вреди од обичниот граѓанин и тоа со просечна плата, која и не е така честа во нашето секојдневие.

Кога сме кај платите, да потсетиме на уште едни закони што направија хаос. Во член 2 од Законот за минимална плата е наведено дека минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата што работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време, Но во јавниот сектор има плати пониски од минималната. Ако некој крши закон треба да одговара. Овде државата како работодавач го крши Законот за минимална плата. Но, ако не го крши него ќе го крши Законот за административни службеници, односно сите оние бодирања и начини на пресметки утврдени со регулатива кои кога ќе се применат како краен резултат имаат пониски плати од минималната утврдена со Законот за минимални плати.

Ова е уште еден огромен пропуст кога се градела вкупната регулатива. Сега упорно слушаме дека ќе се добие ново квалитетно решение, квалитетна регулатива за платите во јавниот сектор, ама секогаш нешто станува поважно од тоа. Затоа со години се случуваше во државни и во јавни институции да има работници платени под минималецот. За тоа би требало некој да одговара.

Зошто не се сменети законите? Зошто не се реагирало? Зошто служи Законодавниот дом? Зошто се надлежните министерства што може да дадат предлог-закони. Зошто се пратениците? И тие може да поднесат предлог за измени на закон и совесно да гласаат, наместо да прават шоу на собраниските говорници, како што често знаат.

Работата е повеќе од сериозна. Оценките за јавниот сектор не се на завидно ниво, но затоа корупцијата е. Секако, и непотизмот. И бесрамноста и честа. Македонија се празни. Тоа треба да биде погубен резултат за секој еден политичар и за секоја една власт. Ако не почне да се работи на секое поле, вклучувајќи и на „нормално“ законодавство и на негова „нормална“ примена, во државава ќе си останат само пратеници и министри, па нека си кројат коефициенти за своите плати, само ако има од што да си ги наплатат. Затоа што и буџетот се празни, поточно тешко се полни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот