Некои текстилци затвораат, други се борат за повисоки цени

Неколку големи текстилни компании во Германија пропаднаа. Германците, но и други европски компании што работат лон-производство, сè повеќе бараат пазари со поевтина работна сила од нашата

Рецесијата во германската економија, но и растот на платите, постепено го проретчуваат бројот на текстилните компании. Ако некогаш заедно со чевларите тие вработуваа и по 50 илјади работници, сега не се ни 28 илјади. Стопанствениците што работат во овој сектор велат дека овој тренд е очекуван и со него се соочиле сите земји во развој.

Ангел Димитров од светиниколска „Мода“ деновиве се врати од Германија и вели дека за нивно задоволство успеале да се убедат со германскиот партнер за повисоки цени.

– Успевме да добиеме повисока цена за 50 центи по парче и од средината на февруари, или од 1 март, ќе продаваме поскапо со цел да ги зголемиме платите и да ги задржиме работниците, затоа што тоа е голем проблем. Да бидам искрен, менаџерите на нашата партнерска компанија од Германија не беа среќни со ова решение и ни порачаа дека ќе одат во Бангладеш за да пронаоѓаат нови фирми со кои ќе работат. Тие таму работат со голема фирма со дури 20 илјади работници, но и тие стравуваат производството така да им биде концентрирано, особено што во Бангладеш има доста штрајкови. Сепак, ова ни беше опомена да не претеруваме со барањата – вели Димитров, кој е и претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Тој објаснува дека во Германија неколку големи компании од текстилната индустрија пропаднале и дека нивната рецесија се одразува на нашата текстилна индустрија. Од друга страна, објаснува Димитров, и Германците гледаат дека нашето население старее и дека е проблем тука да обезбедат работна сила.

– Четири штипски компании ме информира дека ќе работат до Нова година и дека потоа затвораат. Затворањето на текстилните компании најмногу се случува поради намалената побарувачка од германскиот пазар, но на долг рок, сè поизразен проблем ќе биде селењето на германските и на други компании во Бангладеш, Пакистан… затоа што таму работната рака е многу поевтина – вели Димитров.

Што се однесува до продуктивноста на работната сила, за која постојано добиваме критики од Светската банка, Димитров е задоволен од продуктивноста во неговата компанија.

– Во нашата компанија имаме високо автоматизиран процес и поставени индивидуални норми за секоја операција. Затоа, продуктивноста е поголема од многу други текстилни компании и затоа нашите работници имаат и повисоки плати. Таму каде што нема норми, каде што има некоја колективна норма, каде што нема автоматизација, нормално е да се има и пониска продуктивност – вели Димитров.

И Државниот завод за статистика го потврдува трендот на намалување на производството на облека во Македонија. Тоа се намалило дури за 13,3 проценти во октомври годинава во однос на истиот месец лани. Ако пак се спореди октомври со просекот од 2015 година, тогаш доаѓаме до намалување за 50,2 проценти, односно преполовено производство.
Според последните статистички податоци, а кои се за септември, просечната нето-плата во секторот производство на облека е 25.344 денари, а во производство на текстил (каде што има многу помалку фирми) е 33.463 денари. Платите кај производителите на текстил, во првите 9 месеци од годинава, во однос на истиот период лани, се зголемиле во просек за 26,6 проценти, а на производителите за облека за 15,5 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот