Некои партии предизборно се крстат во меѓуетнички тензии

Фото: Слободен печат

Ваквата комуникација во која повеќе политички партии се напаѓаат и се обвинуваат меѓу себе за злоупотреба на религиските теми во политички маркетинг е крајно непријатна и е во функција на претстојната изборна кампања, сметаат аналитичарите

„Не го чепкајте крстот“, „не си играјте со оган“, „крв може да падне“, „ова е опасно“, „политички маркетинг“, „предизборни поени“… се дел од пораките во врска со крстот висок 15 метри во дворот на манастирот „Свети Никола Чудотворец“ на Попова Шапка, што ја вжештуваат атмосферата откако минатата недела Советот на Општина Тетово, на вонредна седница на барање на ДУИ, расправаше дали објектот е дивоградба и беше побарано инспекцијата да го урне! Според аналитичарите, ваквата комуникација во која повеќе политички партии се напаѓаат и се обвинуваат меѓу себе за злоупотреба на религиските теми во политички маркетинг е крајно непријатна и е во функција на претстојната изборна кампања.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека е непријатна каква било комуникација во која религијата ги дели наместо да ги обединува луѓето.

– Ние 30 години, за жал, гледаме разни ситуации во повеќе општини со тензии поради религиски прашања и верски објекти, а во таква улога биле сите поголеми религии во Македонија. Второ, навистина е интересно што во 21 век, во 2023 година ние на Балканот сè уште мислиме дека вредиме според тоа колку крстови, цркви или џамии ќе изградиме. Предизборниот период отвора тешка политичка реторика што ќе нè врати децении наназад. Крајно време е кампањата да биде натпревар на идеи, а не на напади со омраза, да биде редовна партиска активност за мерење на поддршката кај гласачите, а не борба на живот или смрт. Во фокусот да бидат граѓаните и нивните потреби, а не противниците. Ако вака се продолжи, со вакви зборови и начин на комуникација, ќе се влоши политичката и општествената клима и никој нема да има придобивка од такво нешто – вели Кордалов за „Слободен печат“.

Бојан Кордалов – комуниколог / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Премиерот Димитар Ковачевски денеска порача политиката да ги тргне рацете од верата.

– Ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата што е негова. Нашата држава е докажана како мултиетничка и мултирелигиозна во која се почитуваат сите права. Се потврди дека постојат политичари, пред сè мислам на опозицијата што во моментов го води градот Тетово, кои поради тоа што нема што да им покажат на граѓаните што направиле, а веќе половина мандат буквално им отиде, единствено што им останува е да ги подгреваат национални и верски чувства на граѓаните – рече Ковачевски.

Тој ја обвини опозицијата дека намерно создава тензии во недостиг на реализирани проекти.

Се потврди дека постојат политичари, пред сè тука мислам на опозицијата што во моментов го води градот Тетово, на кои што заради немање простор и проекти да им покажат на граѓаните што направиле, а веќе половина мандат буквално им отиде, единствено што им останува е да ги подгреваат национални и верски чуства на граѓаните – рече премиерот.

Тој додаде дека сите спорови во врска со градежни објекти, без исклучок, треба да се решат во рамките на законите, почитувајќи ја секуларноста на државата и потребата за верско изразување и со почит на сите граѓани. Според Ковачевски, сега се потребни одлуки за интеграција во ЕУ, зашто во спротивно „ќе го гледаме она што го гледавме 11 години, кога едни подигаа конструкција за верски објект на Кале, а други го уриваа“.

Стојанче Ангелов, претседател на „Достоинство“ и партнер во владата на СДСМ и ДУИ реакциите на албанските партии ги оцени како претерани.

– Убаво е да не се наседнува на провокации, но што ќе биде следно ако не пружиме агресивен отпор од наша, македонска страна? Ги предупредувам албанските политички фактори да не ги спомнуваат зборовите „отстранување“ или „рушење“ во иста реченица со крстот на Попова Шапка. Во спротивно, јас како граѓанин, со некои мои пријатели од 2001 ќе организирам негова одбрана. А, вие пробајте да го срушите – објави Ангелов викендов на Фејсбук.

На ова реагираше владејачката партија во Тетово, Беса, според која однесувањето на Ангелов е потврда дека поставувањето на крстот не е во чест на верата, туку политичка провокација.

„Само политички очајници и губитници може да се обидуваат да печалат поени со предизвикување етнички тензии на верска основа. Ова е на штета на православните верници, кои некој сака да ги направи орудие за политичка агенда. ДУИ има директор во Државниот инспекторат за градежништво, кој има непосредна надлежност за уривање. ДУИ има интерес да не се зборува за нивните матни бизниси со Дака во Тетово, за коцкарските криминали, за корупциските скандали со јавните набавки. На ДУИ ѝ треба крстот за да го оттргне фокусот од вистинските прашања. За жал, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фатија на нивниот мамец. Ја користиме можноста уште еднаш да апелираме да не си играат со оган. Самовластие нема да толерираме. Закани не нè плашат. Ќе постапиме според закон“, соопшти Беса.

Според ДУИ, пак, Општина Тетово дозволила да се постави крстот затоа што тоа бил договор со ВМРО-ДПМНЕ откако оваа партија ѝ помогна на Беса на локалните избори, на кои нивниот лидер Билал Касами беше избран за градоначалник.

Тој, пак, најави дека со урбанистичкиот план за Попова Шапка ќе се регулираат и верските објекти.

– Тие што не сакаат да ги видат инвестициите, гледаат причина да ја критикуваат Општината за предмети што не се во нејзина надлежност. Со урбанистичкиот план се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирање на врските објекти, црквата и придружните објекти како и џамијата и придружните објекти – најави Касами.

Од Црковниот одбор при манастирот „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка велат дека на вакавско (црковно) место најприродно е да има крст, дека тој е поставен по барање на верниците и според Законот за градење не е објект, туку урбана опрема за која не треба дозвола за градба туку решение за поставување.

– Крстот е симбол на христијанската вера и не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество. Законот треба да се почитува, но не селективно. Не знам зошто толку се крена врева за Попова Шапка. Не е подигнат крстот како некои други објекти дури и на државно земјиште, тој е подигнат во дворот на манастирот – вели за „Слободен печат“ архитектот Богосав Божиновски, кој е и член на црковниот одбор на манастирот.

Тој апелира преку крстот да не се собираат политички поени во пресрет на изборите.

И претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски повика да се смират тензиите.

Поставувањето на крстот го искоментираа и шефот на државата Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Пендаровски рече дека подигнувањето на меѓуетничките тензии и националистичката реторика се единствениот начин некои политички субјекти да потсоберат некој политички поен и глас. Според него, тоа е опасен начин да се дојде до политички рејтинг, но сепак смета дека настанот нема да ја дестабилизира Македонија, благодарение на „рамката што функционира веќе 22 години“.
И ставот на Османи е дека некои партии предизборно се обидуваат да профитираат на националистички теми. Според него, ова е договорен настап на Беса, која влегла во аранжман со националистички сили за да предизвика тензии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот