Недоразбирања меѓу владините партнери има, реконструкција нема

Фото: МИА

Досега не се разговарало за реконструкција или за промена на ресори, изјави за „Слободен печат“ министерот за здравство од Алтернатива Беким Сали. Дека во септември не верува оти ќе има реконструкција или промена на ресори меѓу СДСМ и Алтернатива, нè брифираше и висок функционер на СДСМ.

Беким Сали од Алтернатива нема намера да ја отстапи министерската фотелја во ресорот здравство на кадар од СДСМ, партијата на премиерот Димитар Ковачевски, а во Владата досега не се разговарало за реконструкција или за промена на ресори Ова за „Слободен печат“ го изјави министерот Сали, по неофицијалните информации дека се готви мини-реконструкција на Владата.

Дека во септември не верува оти ќе има реконструкција или промена на ресори меѓу СДСМ и Алтернатива, за „Слободен печат“ брифираше и висок функционер на СДСМ.

Порталот „Фактор“ објави дека во септември се најавува мини-реконструкција во некои владини сектори, зашто Сали, наводно, не сакал повеќе да биде министер, а ресорот здравство повторно би го добил СДСМ.

Сали: Нема причина да барам да си одам

„Тоа се нечии амбиции. Нема такви разговори. Измислено е сè, нема изјава, нема мое барање да се повлечам од министерската позиција. Седум месеци работам и подготвен е теренот во септември да почнеме со реализација на повеќе проекти. Нема причина да барам да си одам,“ вели Сали.

Тој не сакаше да коментира кој од владиниот партнер СДСМ имал амбиција да седне во фотелјата на Министерството за здравство. На прашањето како функционира во Владата соработката на неговата партија со СДСМ, бидејќи неодамна имаше несогласувања меѓу СДСМ и Алтернатива, тој вели дека секоја коалиција може да има нереализирани теми. „Слободен печат“ веќе пишуваше за незадоволството што кадри од Алтернатива не биле именувани на директорски позиции, а дел од нивни проекти уште не се на владината агенда за реализација. Сали вели дека тоа не може да биде причина за тектонски промени во Владата.

„Алтернатива има договор за реализација на конкретни проекти. Седум месеци сме во Владата и не гледам потреба зошто да има промени на ресори во нашиот дел“, вели Сали.

И Џафери повикуваше партнерите во Владата да се договорат

За недоразбирањата меѓу СДСМ и Алтернатива во Владата, јавно, на собраниска седница неодамна реагираше претседателот на Собранието, Талат Џафери, во неможност да обезбеди кворум за почеток на пленарна седница, бидејќи пратениците од Алтернатива одбија да влезат во салата. Тогаш Џафери ја прекина седницата и се закани дека тој ќе свика седница за распуштање на Парламентот ако „некои“ пратеници не знаат каде им е местото. Според него, би било коректно тие што не сакаат да доаѓаат во Собранието и да бидат дел од работата, до него да поднесат барање за седница за распуштање на Собранието. На средбата со лидерите на владејачките партии, тогаш Џафери им порачал дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, тие треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала.

Информации за незадоволство во владината коалиција имаше веднаш по излегувањето на Беса и влезот на Алтернатива во Владата. Коментарите беа дека партијата на Гаши добила премногу во однос на тежината во Собранието со само четири пратеници. Негодувањата меѓу владините партнери продолжија и откако пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива ја напушти партијата. И тогаш коментарите беа дека на Алтернатива треба да ѝ се одземе дел од ресорите или директорските позиции.

Од друга страна, неофицијално сепак се говори дека во Владата се бара форма како министерот Сали да се повлече од функцијата и дека тоа трае веќе еден месец. Наводно, проблем е дека ако Алтернатива се повлече од ресорот здравство за возврат ќе бара друго министерство, за што во Владата нема расположение. Процените се и дека смената на Сали би ја отворила „пандорината кутија“ и за дел помали владини партнери што не се на иста линија со Владата за францускиот предлог и измените на Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот