Не струјата, туку суровините може да ја поскапат храната

Околу 250 компании од прехранбениот сектор требаше да добиваат субвенционирана струја од 1 декември лани до 30 април годинава

Компаниите од прехранбениот сектор почнаа да добиваат известувања од ЕСМ продажба за да си бараат чаре од 1 април. Владата им ја укина бенефицираната евтина струја по 80 евра за магават-час на производителите на прехранбени производи, која траеше три месеци. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека по извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат, иако компаниите добивале субвенционирана енергија, не ги намалиле цените на своите производи, или ги намалиле незначително, иако дополнително, цените на берзите на струја во регионот имаа надолен пад.

– Еден месец порано ќе се вратиме на слободниот пазар на електрична енергија, но тоа нема по автоматизам да ги поскапи нашите производи. Не се плашиме од струјата, туку од цените на суровините, но и од трошоците за зголемување на минималната плата – вели за „Слободен печат“ Слободан Кутревски, сопственик на месната индустрија „Пекабеско“.

Кутревски е дециден дека имале полза од евтината струја и дека ги намалиле производите од 7 до 14 денари во зависност од производот.

– Нашиот најголем проблем е нелојалната конкуренција на сувомесните производи што влегуваат во земјава со нула царина, а ние сме автоматски поскапи за 20 проценти, бидејќи толку плаќаме царина на увозното месо за преработка. Увезуваме месо од Шпанија и Холандија, оти на просторите на поранешна ЈУ нема ни грам вишок свинско месо. Какви ли не болести нè сардисаа – вели Кутревски.

Според него, притисок врз производителите ќе изврши и зголемената минимална плата, но и недостигот од кадар, кој е сè повеќе алармантен.

– Луѓето ни бегаат не само во странство туку и во технолошките зони. Веќе не знаеме што да правиме – реагира сопственикот на „Пекабеско“.

Мирко Велковски, сопственик на млечната индустрија „Вемилк“, вели дека добиле известување од ЕСМ продажба дека се прекинува субвенцијата за струјата и ќе мора да се вратат на слободниот пазар. Во изјава за „Слободен печат“ и тој е категоричен дека ова нема да предизвика ново поскапување на млечните производи.

– Учеството на струјата во нашето производство не е толку големо – ни рече Велковски.

Пресметките што лани во ноември ги обелодени Стопанската комора на Македонија, при цена од 500 евра за мегават-час електрична енергија, учеството на енергенсите во крајната цена на месната и мелничката индустрија беше 15 отсто, а по склучувањето договори за поевтина струја, тоа паднало од 2 до 5 отсто. Кај млечната индустрија состојбата е поинаква, бидејќи таму речиси секој месец има барање за зголемување на откупната цена, што во комбинација со енергијата, амбалажата дава сосема друга ситуација.

Околу 250 компании од прехранбениот сектор од 1 декември лани до 30 април годинава добива субвенционирана струја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот