Не се знае колку ќе трае работниот ден и ќе нема правна сигурност: Институтот „Сосиетас цивилис“ расправаше за т.н. закони „Бехтел и Енка“

Не е прецизирано во кои случаи ќе се применуваат одредбите што важат за проекти од „стратегиски интерес“ затоа што и тие не се прецизно дефинирани, што може да остави простор за самоволие, е една од забелешките

Сегашниот пакет од измени на 8 закони направен наменски за изградбата на автопатиштата на Коридорот 8 и на Коридорот 10-д, кои во јавноста станаа препознатливи како закони „Бехтел и Енка“, носи правна несигурност, има елементи спротивни на Уставот, се коси со веќе донесена одлука на Уставен суд, но е и дискриминирачки во однос на другите инвеститори, заклучија експертите што присуствуваа на вчерашната расправа организирана од Институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ на тема „Зголемени ризици од брзи измени на законите за коридорите 8 и 10-д“. Тие го гледаат решението во повлекување на законите, водење на целиот процес транспарентно, објавување на договорот ако треба во редактирана форма со изземање делови што се деловна тајна, организирање јавни дебати и издржани анализи со кои треба да се докаже зошто нешто треба да се уреди со специјален закон кога веќе постои општа регулатива што има заштитни механизми за одредени вредности.

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институт за демократија, вели дека светска практика покажува дека треба да се избегнуваат исклучоци затоа што во општите законски норми се предвидени заштитни механизми и од корупција и од други можни злоупотреби.

– Самата скратена постапка при носењето на законските измени значи зголемување на ризиците. Таен договор поради деловни причини е во спротивност на начелата на транспарентност. Тој може да се објави и редактиран, без деловните тајни. Тоа во практика го имаме постојано. На пример, Министерството за финансии објавува буџетски трансакции без сметки и други слични податоци. Во законите што се менуваат нема детално објаснување, туку главно тие се менуваат за да имаме брза и ефикасна изградба на автопатиштата. Вака пратениците немаат детален увид што добива, а што губи општеството со измена на законите – вели Поповиќ.

Гоце Коцевски од Македонско здружение на млади правници посебно ги анализираше измените на Законот за работни односи. Тој потенцираше дека со овие измени не се определува горната граница на прекувремена работа.

– Неспорно е дека пратениците може да иницираат законски измени, но за Закон за работни односи мора претходно да има трипартитен договор меѓу работодавачот, државата и синдикатите – вели Коцевски.

Како клучни измени во Законот за работни односи тој ги посочи: измените во однос местото и начинот на исплатата на плата, отстранувањето на делот што се однесува на максималното траење на прекувремената работа, можноста да се работи во недела, а како клучна забелешка за сите закони е немањето предвидливост.

– Исклучоците мора да имаат предвидливост. Во овие законски измени немаме дефиниција за тоа што се смета за национален и стратегиски интерес, а сите законски измени се однесуваат за такви проекти – вели Коцевски.

Тој потсети и на Одлуката на Уставниот суд, со која се укина член на договорот со „Бехтел и Енка“ со кој се предвидуваше 60-часовна работна недела со писмена изјава на работникот за прифаќање.

– Со измените на Законот за работни односи се заобиколуваат одлуките на Уставниот суд – потенцираше Коцевски.

Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека се менуваат многу значајни закони и некаде со нив се олеснуваат постапките за градењето на автопатиштата, но некаде има измени на регулативата.

– Ако со законски измени се скратува постапката за пренамена на шумско и земјоделско земјиште во градежно затоа што сега постапката е неефикасна, зошто тогаш нема промена на законите не само кога станува збор за објекти од стратегиски интерес. Всушност, кога зборуваме за експропријација, секогаш зборуваме за објекти од јавен интерес – вели Карева.

Таа рече дека со измените на законите не се знае за кои идни па и сегашни проекти се однесуваат одредбите затоа што не е дефинирано што е тоа „стратегиски интерес“.

– Без прецизно дефинирање може да има самоволие за кого ќе важат овие законски измени – оцени Карева.

Минатата недела беа повлечени измените на Законот за културно наследство, но Орданче Петров од Македонското археолошко друштво вели дека и Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање го третираат културното наследство и тие будно анализираат што може да донесат законските измени на овие закони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот