
Научна студија открива, дали навистина треба да избегнувате да јадете доцна навечер
Научна студија потврди дека неколку фактори го прават јадењето доцна навечер потенцијално ризично за здравјето, вели авторката на студијата д-р Венди Базилијан.
Препорачано
Иако раните вечерни оброци обично се поврзуваат со постари или мали деца, се чини дека во денешно време сѐ повеќе луѓе внимаваат кога го јадат последниот оброк во денот и се трудат да не јадат после 19 часот.

Еден од главните двигатели на тој тренд, како што пишува порталот „Риал Симпл“ (Real Simple), била кризата со корона-вирусот и промената на работното време на рестораните, од кои повеќето го скратиле, а гостите се навикнале да јадат порано.
Покрај тоа, неодамна беа објавени неколку студии кои укажуваат дека раното вечерање може да биде поздраво од вечерата непосредно пред спиење, главно укажувајќи на фактот дека на телото му е потешко да го „одработи“ процесот на варење кога се преклопува со спиењето, бидејќи тогаш преработката на шеќери и масти е полоша. Тоа може да биде особено штетно за дијабетичари, дебели луѓе и хронично болни лица.
И покрај тоа, диететичарите посочуваат дека вечерата пред 19 часот не треба да биде правило и обврска за никого, бидејќи времето на јадење зависи од бројни фактори кои горе-долу се надвор од нашата контрола, како што се работното време, разните обврски, времето за вежбање, детски активности, достапност на храна, замор и многу повеќе.

Лекарите затоа нагласуваат дека е добро да се вечера порано, кога и доколку е тоа изводливо, што може да биде особено корисно за луѓето со дијабетес тип 2.
Ова е поддржано од студија од 2018 година објавена во „Ендокрин Журнал“, која покажала дека дијабетичарите тип 2 кои јаделе доцна навечер имале послаба контрола на гликемијата, што потенцијално доведува до здравствени компликации поврзани со болеста.
Друга студија од 2022 година објавена во „Сел Метабилозам„ (Cell Metabolism) укажа на врската помеѓу доцните вечери и дебелината, и заклучи дека доцните вечери го менуваат начинот на кој телото ги складира и разградува мастите, предиспонирајќи ги да се складираат повеќе.
Исто така, се вели во студијата, јадењето доцна навечер може да го намали серумското ниво на лептин, хормон кој помага во регулирањето на телесните масти и го намалува количеството на калории согорени во текот на денот.
„Оваа студија потврди дека неколку фактори и механизми го прават јадењето доцна навечер потенцијално ризично за здравјето“, пишува авторката на студијата д-р Венди Базилијан.

Друга помала студија од 2020 година објавена во „The Journal of Clinical Endocrinology and Metabolism“ покажа дека доцните вечери кај 20 здрави возрасни лица предизвикуваат ноќна нетолеранција на гликоза и ја намалуваат способноста на нивните тела да користат масти за енергија.
„Меѓутоа, не постои универзално идеално време за вечера и има многу варијабли што треба да се земат предвид кога станува збор за времето на оброците“, вели д-р Маја Фелер, диететичар од Бруклин, која вели дека од сето горенаведено е јасно дека телото има корист од јадење пред 19 часот и дека секој треба да најде време кое најмногу му одговара, но тоа да не биде доцна навечер.