Наставникот „во канџите на ѓаволот“

Ѓорѓи Тоновски - професор / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Кога се зборува за местото, улогата и задачите на наставникот во процесот на социјализација на младите генерации, истовремено треба да се процени и (не)одговорноста на родителите, новинарите, режисерите, актерите, театролозите, административците, правниците, социолозите, полицајците и сите оние што со несовесно вршење на своите работни обврски го овозможуваат девијантното, па и злосторничко однесување.

Крвавите монструозни убиства на млади и невини луѓе во Белград и во околината на Младеновац во првата половина на овој месец повторно го актуализираа прашањето за можните пропусти и одговорности на наставниците во социјализацијата и едукацијата на младите и во формирањето квалитетен и општествено посакуван и очекуван персоналитет на младите лица.

Но, вината за вакви монструозни чинови не е само кај „сиротиот наставник“, туку треба да се постави пошироко. Имено, во ова моделирање на единките, учествуваат многу фактори: економски, политички, правни, психолошки, групни и слично. Во овој колаж свое место имаат и медиумите, социјалните мрежи, културните настани, социјализаторско-едукативните институции и посленици. Значи, градењето на младите личности не е обврска само на наставниците и на воспитно-образовните институции, туку во тоа свој придонес треба да имаат сите социјални агенси што учествуваат во процесот на формирањето и стабилноста на персоналитетот на младите личности.

Како по правило, судот на јавност во вакви ѕверски случувања е првенствено насочен кон училиштата и кон наставниците – дека тие потфрлиле во својата улога и задача на социјализатори и едукатори и поради тоа се јавува злосторничко дејствување. Притоа како да се занемарува улогата и значењето на другите социјални агенси. Тие имаат општествено одговорна задача со своите активности заедно со наставникот да учествуваат во процесот на градење на персоналитетот на младите. Наставникот не смее да биде оставен сам на „военото поле – сам против сите“, тој нема волшебно стапче ниту е пак некаков натчовек.

Комплексноста на воспитно-образовниот процесот нужно претпоставува учество на сите социјални агенси и сериозна посветеност на целото општество во овој процес, зашто станува збор за света општествена цел – да се изгради здрава и умна хумана личност која ќе го продолжи нормалниот општествен тек.

Наставникот е исправен пред предизвикот да гради општествено посакуван персоналитет со спротивставување на несоодветни „вредности“ што се нудат во општеството преку други социјални агенси. Наставникот не е доволно моќен самиот да ја изврши задачата. Колку и да настојува да ја изврши оваа задача, други социјални агенси со свои содржини и пораки имаат моќни негативни влијанија во социјализацијата на младите поколенија наспроти наставникот. Во таков случај наставникот е во „канџите на ѓаволот“. Тоа се особено оние агенси што се во сферата на културата, сферата на класичните медиуми (печат, радио и ТВ, литературни дела и слично), сферата на модерните социјални мрежи.

Принципиелно овие агенси би требало да бидат во функција на доброто на современиот човек. Генерално гледано, цел и функција на културата е да го облагородува човечкото суштество, а не да го дехуманизира животот. Медиумите, пак, имаат цел и функција да обезбедат сериозно, објективно и навремено информирање на граѓаните. Социјалните мрежи треба да го изменат карактерот на комуникацијата и да ја направат достапна за сите луѓе на сите меридијани. Сите три агенси треба да му служат на доброто и да се борат против злото. На тој начин тие ќе бидат од корист и во социјализацијата и едукацијата на младите.

Меѓутоа, во практиката во содржините и пораките што се упатуваат кон возрасната или младата публика има голема доза деструктивност, што е во полза на негативните девијантни дејствувања. Против ваквото цунами наставникот не е доволно моќен. Тој нема доволно енергија и позиција целосно да се спротивстави на ваквото зло кое доаѓа од неконтролирани и деструктивни социјални извори, поединци и групи. Овде треба да се споменат содржините и пораките кои во себе имаат  дезинформации, клевети, лаги, мизантропство, медиокритетство, фобичност, омраза, одмазда, мафија, вандализам, порнографија, проституција, вулгарен наратив, „силиконски убавици“, понуди за недозволена трговија (луѓе, оружје, дрога и слично), сексуално насилство, семејно насилство, вандализам и слично.

Се афирмира нов тип идол, лажен „херој на нашето време“, кој живее мирно и неказнето за криминалните дејанија и е над моќта на правдата и моралните норми на општеството. Тоа значи, дека „криминалот (и одземањето на човечки животи) се исплати“. Тоа е злосторнички резон par exelans. Честопати се стекнува впечаток дека голем број дела, написи и филмски секвенци од страна на публиката се доживуваат како грозоморен „Практикум за убивање“ – со експлицитни упатства како се вбризгува дрога, како се планира убиство, како се изведува најгрозоморна тортура и слично. Велат дека ова презентирање на авторство е добар начин привидно да се задоволат сите комплекси, фрустрации и зависности на бројни автори. Тешко дека ќе најдете, на пример, филм во кој нема сцени со сите овие стравотии.

Општеството мора да се погрижи во тој процес на социјализирање да се активираат сите негови институции кои се наменети за чување на животот и среќата на младата генерација. Оттука, кога се зборува за местото, улогата и задачите на наставникот во процесот на социјализација на младите генерации, истовремено треба да се процени и (не)одговорноста на неодговорните наставници, незаинтересираните родители, новинарите, уредниците, режисерите, кинематографите, сценаристите, актерите, театролозите, административците, правниците, социолозите, полицајците, и сите оние кои со несовесно вршење на своите работни обврски го овозможуваат девијантото криминално, па и злосторничко однесување. Ова за луѓето во општеството е тешка, но и многу потребна и одговорна задача кон себе, кон семејството, кон заедницата.

Ако не се стопира ваквиот бран на декаденција и деструкција на системот на вредности и на квалитетот на животот во социјалната заедница, постои реална опасност насилството да се наметне како „моден тренд“, односно да стане потенцијален фактор на деградацијата на хуманата суштина на човековиот род со несогледливи последици по неговата натамошна иднина и судбина.

(Авторот е универзитетски професор по социологија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот