Наместо специјалист, лековите за шеќер, притисок и тироида да ги препишуваат матичните лекари

Фото: Драган Митрески / Слободен Печат

Матичните лекари бараат да им се дозволи да препишуваат лекови за кои што до сега пациентите исклучиво одеа кај специјалист за извештај.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова вели дека најавена е промена на режимот на лекови, со што на матичните лекари најверојатно ќе им се дозволи барем некои од медикаментите што досега ги препишуваше специјалист, да може да ги препишуваат тие.

– Поднесовме барање да може матичен лекар да препишува лекови за висок крвен притисок и против маснотиите во крвта, спрејови за нос против алергии, спрејови против напади на астма, лекови за регулирање на функцијата на тироидната жлезда и капки против алергиски конјуктивитис, вели доктор Чолакова Дервишова за „Слободен печат“.

Оправданоста на ваквото барање кое Здружението на приватни матични лекари го поднело до Фондот за здравство и до Министерството за здравство е во тоа што нема специјалисти во внатрешноста, па пациентите за само еден лек кој што мора да го примаат постојано заради хронична болест – патуваат до Скопје и трошат време и пари.

Д-р Чолакова Дервишова смета дека не би требало да е така, затоа што самите матични лекари се доволно стручни да препишат лек за притисок, за шеќер, за конјуктивитис или за проблеми со тироидната жлезда.

Одговор на нивното барање формално нема, но министерот за здравство д-р Фатмир Меџити веќе во медиумите најави дека ќе се прават измени на режимот за препишување лекови.

Tој во гостување во емисијата „Топ Тема“ рече дека според анализите на Министерството за здравство, 30 проценти од секојдневните пациенти во Клинички центар „Мајка Тереза“ се луѓе што доаѓаат од внатрешноста на Македонија само за да им се препише еден единствен лек за хронична болест.

– Така се создава хаосот на Клинички Центар. Преземавме мерки и така хроничната терапија работиме на тоа да ја дисперзираме кај матичните лекари. И финансиската импликација за пациенттите е голема вака како што е во моментот. На пример ако сум јас од Струга, или од Кочани, треба да станам во 5 часот наутро, да потрошам 2 илјади денари за гориво и да дојдам до Скопје, за специјалистот да ми препише еден лек. И така се прави хаос на Клинички. Според нашите анализи, тоа се 30 проценти од пациентите што секој ден доаѓаат на Клинички центар, рече министерот Меџити.

Досега пациентите од внатрешноста се соочуваа со голем проблем, нивната хронична терапија што постојано мора да ја примаат, да може да им ја препише само специјалист од областа за лекување на болеста.

Но, специјалисти во голем дел од градовите нема. Затоа пациентите се изложуваа на трошоци за административни работи, само формално да им биде продолжен лекот односно да добијат извештај.

Во други ситуации, слободни термини кај достапните специјалисти нема со месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот