Наместо на тротоари, тротинени возат и лудуваат низ тетовските улици, на кои се превезуваат деца и миленици

Електрични тротинети/ Фото: ЕПА

Низ тетовските улици често може да се видат тротинети на кои се превезуваат по двајца, со нив се возат и мали деца, а неретка е сликата како со овие средства се превезуваат и миленици.

Граѓаните велат дека тие кои ги користат тротинетите не ги почитуваат правилата и возат брзо.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Колку што знам тротинети се возат на тротоари и велосипедски патеки, но кај нас во Тетово има велосипедска патека само на една улица, но и таа е блокирана од контејнери и смет. Сега најопасно превозно средство станаа тротинети, без предупредување или некоја сигнализација, ти пресекуваат пат и од нигде никаде налетуваат. Страшно, навистина е многу практично средство особено за нашиот град кој се гуши во сообраќаен хаос, но треба тие кои возат тротинети да ги почитуваат правилата, ако сакаме безбеден сообраќај“, вели еден тетовец.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

„Тротинетот не е играчка, но гледам дека многу родители на него така гледаат, па ги даваат тротинетите на мали деца и на 8 годишна возраст, некои ги користат овие тротинети да пренесат нешто, сум видел и родител како две мали дечиња превезува со тротинетот. Можеби полицијата треба да има поголема контрола врз ваквите несовесни возачи и да казнува, пред да се случи некоја поголема катастрофа“, додава друг тетовец.

Инаку вчера околу пладне во СВР Тетово пријавено е дека на улица „Никола Парапунов“ во Тетово, патничко моторно возило „даеву матиз“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 66-годишниот гостиварец Г.Ѓ., удрило во електричен тротинет што го управувал 40-годишниот гостиварец У.К..

„Во несреќата, У.К. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар“, соопшија од СВР Тетово.

Од СВР Тетово за „Слободен печат“ потврдуваат дека на тротинет се превезуваат дури и домашни миленици, се возат по двајца, а често возачите на тротинетите им го пресекуваат и патот на возилата.

Оттаму велат дека во изминатите месеци од годинава, заклучно со денеска на поширокото тетовско подрачје регистрирани се вкупно 6 сообраќајни несреќи во кои учествувале електрични тротинети, а чиј број на ова подрачје во последно време е значително зголемен.

„Пет од несреќите завршиле со телесни и 1 со тешки телесни повреди со кои се здобиле лицата кои ги управувале на несоодветен начин, односно по самите улици што е спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 103-а и 103 -в).Според одредбите на овој Закон електричните тротинети можат да се управуваат исклучиво по велосипедски патеки, а доколку нема такви патеки, по тротоари. Ваквите тротинети можат да ги управуваат само лица со наполнети 14 години, а не и помлади. На тротинетите не можат да се превезуваат и други лица, предмети или да се водат на ремен кучиња или други миленици. Максималната брзина со која можат да се движат по велосипедска патека изнесува 25 километри на час, а на површина наменета за пешаци – 6 километри на час, додека паричните глоби за непочитување на овие законски одредби изнесуваат од 50 до 80 евра во денарска противвредност за лицата кои ги управуваат или за нивните родители“, соопшти Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Изминативе два месеци СВР Тетово има преземено над 20 мерки против лица кои непрописно ги управувале електричните тротинети и кои ја довеле во ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот