Наместо јавни тоалети, им се „наоѓаат“ нивите покрај автопатот „Пријателство“

Автопатот Скопје-Штип / Фото: Слободен печат /Драган Митрески / илустрација

Тоалети има само во склоп на бензинските пумпи, но како што се зголемува фреквенцијата во летната сезона, на нив сè почесто стои знакот дека „тоалетот е вон функција“ или е заклучен без образложение. Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Слободен печат“ посочуваат дека немаат практика на изградба на јавни тоалети, бидејќи нема ниту законска регулатива поврзана со ова прашање

Иако носи звучно име, автопатот „Пријателство“ не е пријателски настроен кон патниците. Било во транзит, на еднодневен излет или на пат кон некое од туристичките места во земјава, од Табановце на влезот во Македонија и до граничниот премин Богородица на излезот кон соседна Грција, тие немаат можност да ги извршат своите хигиенски потреби, оти по должината на овој коридор нема ниту јавни ниту монтажни тоалети.

По автопатот „Пријателство“ има одредени локации што ја „играат“ улогата на паркинг простор, но тие се преполни со ѓубре, нема чешми, канти за отпадоци. Доколку можат, дел од граѓаните навлегуваат подлабоко во нивите покрај патот, цапајќи низ троскот и високи треви, ризикувајќи да бидат „фатени на камера“, за што сведочеа и некои поранешни фотографии. Единственото место што требаше да биде одмориште според европските стандарди е само оградена ледина, со пречкртан знак и со години стои пусто.

Тоалети има само во склоп на бензинските пумпи, но како што се зголемува фреквенцијата во летната сезона, на нив сè почесто стои знакот дека „тоалетот е вон функција“ или е заклучен без образложение.

– Застанавме на неколку бензински пумпи, да се замиеме и да одиме во тоалет, но секаде беше заклучено. Доаѓаме од Србија, одиме за Грција, просто е невозможно да „стискате“ толку. Сосема е разбирливо што приватните компании не сакаат да ја преземат улогата на државата да обезбеди чисти и функционални јавни вециња, но и нам не ни е лесно. Да не зборуваме дека оној тоалет на граничниот премин Богородица е во ужасно лоша состојба – ни рече една туристка од Србија.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Слободен печат“ посочуваат дека немаат практика на изградба на јавни тоалети, бидејќи нема ниту законска регулатива поврзана со ова прашање.

– Оттука произлегува дека немаме обврска за изградба. Доколку се донесе законска регулатива за оваа област, ЈПДП ќе ја применува. На државните патишта поставена е информативна вертикална сигнализација, со која се најавуваат одморалиштата со прислужно услужни објекти во кои има јавен тоалет – велат од ЈПДП.

Според последната Анкета на странските посетители на Државниот завод за статистика, странските посетители ни дале 3,76 поени за хигиената на јавните места, вклучително и на граничните премини, што не е ласкава оценка за државава. Во 2021 година, Здружението за социјални иновации и одржлив развој РАДАР направи анализа, која покажа дека луѓето што патуваат на подолги дестинации, а особено жените, честопати се воздржуваат од редовно консумирање течности поради несоодветните (нечисти, непристапни, нефункционални) јавни тоалети на автопатиштата низ државава.

– Треба да се поттикне Јавното претпријатие за државни патишта да издвои средства или за изградба на нови јавни тоалети на автопатиштата или да се искористи инфраструктурата на бензинските станици, па преку јавно-приватно партнерство или на некој друг начин што ќе произлезе од истражувањето, да се направат соодветни простории што ќе можат да ги користат и жените без страв за нивното здравје или сигурност – стои меѓу другото во анализата на РАДАР.

Во Законот за јавни патишта нема посебни одредби што се однесуваат на јавни тоалети, обврската за нивно поставување и одржување, на колку километри и според кои стандарди. Во Законот само е наведено дека можат да се градат објекти што служат за потребите на возилата и патниците, како и придружни објекти (јавно ВЦ и туш-кабина), без подетално објаснување на стандардите за нивно поставување. За разлика од нашите стандарди, европските регулативи предвидуваат „поставување на места за одмор на автопатиштата приближно на секои 100 км во согласност со потребите на опкружувањето, на пазарот и на животната средина, со цел, меѓу другото, да се обезбеди соодветен простор за паркирање за корисници на сообраќај со соодветно ниво на безбедност и сигурност“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот