Најголемата месечна плата била 195.000 евра, а највештиот заработил 7 милиони евра – УЈП даде отчет за лани

Лукаревска информираше за годишните даночни пријави за 2022 година.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска најави дополнителни контроли кај оние што оствариле најголеми плати. Таа рече дека има симптоматични исплати за права за индустриска сопственост, за авторско право, за закуп на сопствен имот, за консултантски услуги

Околу 7 милиони евра минатата година заработил и пријавил скопјанец во Управата за јавни приходи. За кого станува збор и од што ги заработил овие 440.045.571 денари, според УЈП претставува даночна тајна, но тоа е најголемиот бруто-доход за 2022 година. Директорката на УЈП Сања Лукаревска информираше и за најголем износ пријавен од плати од работен однос и на годишна основа скопјанец заработил дури 2,35 милиони евра, или неговата месечна бруто-плата изнесувала 195.00 евра! Оваа плата е исплатена во дејноста „Трговија на големо со производи од тутун“.

Директорката Лукаревска вчера ги презентираше информациите врз основа на годишните даночни пријави што секоја година ги пополнуваат граѓаните кои на каков било начин остваруваат некаков доход. Таа рече дека ќе има дополнителна контрола од УЈП кај оние што оствариле многу високи плати. На листата десетмина со најголеми плати – деветмина се од Скопје, а еден е од Струга. Најниската од овие 10 бруто-плати изнесува 63.800 евра.

– Станува збор за големи суми, ќе има дополнителни контроли, затоа што исплаќаат за права за индустриска сопственост, за авторско право, за закуп на сопствен имот, за консултантски услуги и тоа е прилично симптоматично, па се очекува дека ќе исплатат и повисоки плати, соодветно и дивиденда. Со цел да ги избегнеме сите овие сомнежи и нелогичности од законски аспект, ние ќе направиме соодветни дополнителни анализи – рече Лукаревска.

Најголемата исплатена дивиденда е 3,7 милиони евра и е исплатена на скопјанец што се јавува како сопственик на удел во болница. Речиси 3 милиони евра добил и скопјанец што го продал својот удел во трговско друштво чија дејност е „производство на филмови, видеофилмови и телевизиска програма“.
За некого не е лошо ни да е земјоделец. Највисоката годишна заработка е пријавена од скопјанец кому продажбата на земјоделски производи од сопствено производство, лани му донела околу 300.000 евра приход.

Добро може да се живее и од некакво вршење самостојна дејност, ако се погоди што и како да се работи. За најуспешниот самостоен вршител на дејност, тоа значи инкасирани еден милион евра во текот на минатата година. Во 10-те топ рангирани самостојни вршители се адвокати, нотари, угостители, одгледувачи на жито и мешункасти растенија и од дејноста производство на амбалажа од хартија, информира Лукаревска.

Најдоходовен пензионер е скопјанец што прима пензија од странство и таа во 2022 година изнесувала 7.800 евра. Второрангиран пензионер по висина на својата месечна пензија е од Делчево и земал пензија од 3.640 евра. Во оваа група од 10 најголеми пензии, најниската пензија е 1.370 евра.

Барем според даночните пријави, во земјава има големи сопственици на имот. На скопјанец, имотот од закуп му донел кирија од околу 600.000 евра.

По основ на добивки од игра на среќа, на кичевчанец му биле исплатени над 500 илјади евра, а на кочанчанец над 440 илјади евра. Добивките биле исплатени од Државната лотарија.

За календарската 2022 година УЈП достави претпополнети годишни даночни пријави за 798.761 граѓани. Искажаниот годишен бруто-доход во пријавите е речиси 414 милијарди денари, или околу 6,7 милијарди евра, а пресметаниот данок на личен доход е речиси 26 милиони денари, или над 418 милиони евра. Ланските приходи се поголеми за 767 милиони евра, па и наплатениот данок е поголем за 53,6 милиони евра.

За 62.455 граѓани утврден е бруто-доход од над еден милион денари, додека најголем број граѓани, односно 617.854 оствариле бруто-доход што се движи од 100.000 денари до 1 милион денари.

Три милиони евра добил тетовец што работел на социјални мрежи за странска компанија

Тетовец пријавил годишен бруто-доход од 181,9 милиони денари, или околу 3 милиони евра под ставка „други приходи“. Како што соопшти УЈП, станува збор за пари што му ги исплатиле странски компании за работа со социјални мрежи и видеоплатформи.
Најмалиот доход од „други приходи“ меѓу 10-те најголеми е 940.000 евра. Покрај скопјани, добри во собирање други приходи бил граѓанин од Свети Николе кој пријавил 1,3 милиони евра како и од Велес со пријавени 1,2 милиони евра.

Најмладиот милионер има 9 години, најстариот 97

Најмладиот милионер во евра, кој всушност заработил еден милион евра во 2022 година, тогаш имал 24 години, најстариот имал 77 години и лани заработил 1,5 милиони евра.
Најмладиот милионер во денари, пак, е дете на 9 години и тоа лани заработило од закупнина на свој имот нешто над 1 милион денари, а највозрасниот имал 97 години и остварил доход од над 1,2 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот