На Владата не ѝ е гајле што е залепено на нејзината фасада?

влада на република северна македонија
Влада на Република Северна Македонија / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Уште во текот на монтирање на фасадата на Владата, во ноември 2014 година, изби пожар на фасадата што ја зафати и изолацијата, кој беше угаснат со навремена интервенција на ПП-екипи.

Владата не планира да го преиспита или да го замени вградениот материјал во фасадата на владината зграда, за кој од истражната постапка кон фирмата изведувач се дозна дека е со несоодветен квалитет, а можеби и ризичен.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведува истражна постапка против четири лица што ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата. На првоосомничениот му е определен притвор од 30 дена, а на второосомничениот мерка куќен притвор. За останатите двајца осомничени се побарани мерки за обезбедување присуство за кои судот ќе одлучува во редовна постапка.

Воедно, донесена е забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и извршување финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот на фирмата „Бауер БГ“, која го добила тендерот.

Првоосомничениот, сопственик на градежната фирма „Бауер БГ“, наместо да ги наведе подизведувачите што требало да направат фасада од цврст материјал, тој избрал фирма за каменорезачки работи, не ја навел и дозволил да вгради стиропор односно поевтин материјал.

Бидејќи истрагата покажала дека на фасадата на Владата е ставен несоодветен материјал, кој може да е запалив или штетен, „Слободен печат“ постави прашање до Владата дали планира да ја смени фасадата или да ги смени употребените материјали, но од таму кусо ни одговорија дека „Владата нема да изнесува ставови за предмет за кој се води истрага од Обвинителството“.

„Подизведувачот што го ангажирал првоосомничениот за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елементи и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата, не ги испочитувал одредбите од договорот и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Фирмата подизведувач, која била ангажирана од „Бауер БГ“ за изведба на декоративните и фасадни елементи и каменорезачки работи за објектот на Владата, не ги испочитувала одредбите од подизведувачкиот договор и извршила монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект.

„Трето и четвртоосомничените како одговорни лица за вршење стручен надзор, ги злоупотребиле своите овластувања и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96 отсто минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“, се вели во обвинителниот акт.

Уште во текот на монтирање на фасадата на Владата, во ноември 2014 година, изби пожар на фасадата што ја зафати и изолацијата, кој беше угаснат со навреме интервенција на ПП-екипи. Истрагата покажа дека пожарот избил поради тоа што искра од апарат за заварување паднала на фасадата и ја запалила.

Обвинителството гони четворица за малверзации со фасадата на Владата, проневериле скоро осум милиони евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот