На скопскиот бувјак од игла до локомотива, некој фрла, а некој заработува од стари работи

 Бувјак пазар Маџари/Фото: Слободен печат

Скопјани се сеќаваат дека пред десетина години можеа да купат половни работи од Бувјак пазарот под Кале, но тој сега има нова локација, многу поголема, иако наместо на тезга, производите се распослани на церади, стари ќебиња и платна. Искусните пазарџии знаат дека мора да дојдат порано, па дури и пред разденување за да фатат подобра позиција. Оти времето е кусо, само неколку часови – лете е претопло, па сите бегаат пред стане како под вршник, а зиме не е пријатно ни да се седи на отворено ни да се шета

Секој вторник и петок оградениот простор кај „Технометал Вардар“ во скопската населба Маџари оживува и пулсира како и секој бувјак во светот. И ако за посетителите се отвора малку подоцна, искусните продавачи таму се „нацртани“ уште пред зори за да прочепкаат по понудата што „испливала“ од исчистените подруми за да најдат нешто што е сè уште употребливо или со мала корекција повторно да ја најде својата примена.

Скопјани се сеќаваат дека пред десетина години можеа да купат половни работи од Бувјак пазарот под Кале, тој сега има нова локација, многу поголема, иако, наместо на тезга, производите се распослани на церади, стари ќебиња и платна. Како што можевме да видиме при посетата на пазарот за стари работи, понекогаш понудата доаѓа и директно од излог – читај: отворен багажник или автомобилска хауба.

Бувјак пазар Маџари/ Фото: Слободен печат

Искусните пазарџии знаат дека мора да дојдат порано, па дури и пред разденување за да фатат подобра позиција. Оти времето е кусо, само неколку часови – лете е претопло, па сите бегаат пред стане како под вршник, а зиме не е пријатно ни да се седи на отворено, ниту да се шета.

Скопскиот бувјак е место каде што ќе најдете од „игла до локомотива“. И буквално понудата е толку разновидна, што ќе добиете главоболка од шаренилото – носена облека и обувки, бела техника што датира од осумдесеттите, автокозметика и автоделови, ситен мебел, а има и сектор за свежа стока – овошје, зеленчук, кекси, па дури и салами.

Интересно е што на самото место може да ви извршат поправка на она што е расипано, да ви расклопат и склопат некој апарат по системот „од старото да создадеме ново“.

Маката ги натерала продавачите да заработат некој денар и како мајстори, а ако нешто не може да се поправи на самото место, љубезно ќе добиете и телефонски број за да договорите зделка.

Бувјак пазар Маџари/Фото: Слободен печат

– Тука сум постојано. Доаѓам порано за да најдам нешто што е старо и да му дадам нов живот. Знаеме каков е македонскиот стандард. Секој сака да заштеди, а тука може да се нуди ваква можност. Но, на овој пазар се наоѓаат и квалитетни работи за мали пари – вели мајстор Тане.

Повеќето од продавачите велат дека никој не доаѓа залудно и на плус 40 степени и на минусните зимски температури. Целта е нешто да се заработи.

– Со години ги чистам подрумите. Луѓето немаат време, а имаат сè и сешто во тие простории. Не за џабе се вели дека она што нема да се употреби во текот на две години, веќе нема никогаш да најде примена. Е, тука е нашата шанса. Некои од работите се неупотребливи, а некои може да добијат нов живот со мала корекција. И на олку ниски цени, луѓето се ценкаат, тоа е пазарна филозофија – раскажуваат дел од продавачите.

И на граѓаните им одговара ваквата понуда. Се лажете ако мислите дека овде доаѓаат само мажи, сè почесто има и жени, кои љубопитно разгледуваат, а некогаш се пофаќаат по нешто.

 

– Сум била во неколку европски градови. Бувјаците таму дури добиваат димензија на туристичка атракција, како задолжително место што треба да се посети. Ваквите пазари во Европа нудат винтиџ гардероба, парчиња што некогаш биле многу скапи, а сега може да се купат за евтини пари – коментира една скопјанка.

Ова се осумте најдобри бувјаци во Европа

Доколку сте во Баварија напролет, тогаш дефинитивно побарајте го огромниот Минхенски бувјак, советува хрватскиот портал Мисс7. На саемот често има повеќе од 2.000 трговци со неверојатни понуди, какви што се чантите на „Луј Витон“ по смешни цени.

Феира да Ладра, „Пазар на крадци“ ако е буквално преведен, е бит-пазар во Лисабон, кој се протега на неколку улици во градот. Овој пазар има свои корени во средниот век и навистина бил место каде што трговците продавале украдена стока (како што сугерира името). Најголемиот и најпознатиот ваков пазар во Франција е Гранде Брадери де Лил и често има и до 10.000 трговци. Најдобриот пазар во Англија се случува секој ден на Портобели мaркет во Лондон. Мода, антиквитети, храна, половни богатства ќе ве чекаат секој ден во неделата, а во сабота бидете спремни за тотално лудило од понуди.

Бувјакот во Париз е еден од најдобрите пазари во Европа благодарение на ретките богатства што ги крие. Плас Жу де Бале во Брисел работи во многу типична и пријателска атмосфера во Брисел, 365 дена во годината! Во Милано има неколку бит-пазари, што не е чудно, бидејќи е светска престолнина на модата, но Meркатоне дел Aнтиквириато е најголемиот пазар и се одржува во последната недела од месецот. Судир на модерно и традиционално е светски познатиот бувјак во Мадрид, кој се отвора на Плоштадот де Каскоро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот