На хирурзите од ГОБ „8 Септември“ им „пукна филмот“: Работат само две хируршки сали, од 27 септември прекинуваат сите елективни операции!

Градска општа болница 8ми Септевмри, Скопје /Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вработените во хируршките одделенија при ГОБ „8 Септември“ преку отворено писмо информираат дека долго време не можат да добијат прием кај директорот на болницата доктор Христијан Костов зашто имаат долготраен проблем со функционирањето на хируршките сали во болницата. Поради сериозноста на ситуацијата, како предупредување, наредната недела, од 27 септември, ќе биде прекинат елективниот хируршки програм во болницата, освен за пациенти кои се во животозагрозувачка состојба! Писмото е упатено до министерот за здравство Венко Филипче, до премиерот Зоран Заев и до директорот на болницата Христијан Костов, како и до Владата и до Фондот за здравство.

„Во болницата секојдневно функционираат само две хируршки сали наместо полниот капацитет кој би бил шест сали во текот на денот. Јасно е дека со настанатата ситуација со пандемијата капацитетите ќе бидат намалени, но ова е под реално можно ниво и резултира со тоа што пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција“, пишува во отвореното писмо.

Од страна на вработените биле понудени неколку решенија за реорганизација на работата како би се постигнала поголема ефикасност, но тие или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува, ниту предлага други решенија, се жалат хирурзите.

Писмото на хирурзите од ГОБ 8 Септември

„ГОБ 8 Септември е столб на здравството во државата. Во изминатите две години ние сме главен ковид центар каде се згрижуваат најтешките пациенти од пандемијата, прифатен центар за сите хируршки пациенти од сите болници надвор од Скопје од кои голем број се на терциерно ниво, а за жал по некоја необјаснета логика ГОБ 8 Септември е уште на секундарно ниво. Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. За надминување на ситуацијата постојат неколку решенија и сме отворени за дополнителни предлози“, се вели во обраќањето од хирурзите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот