
На денешен ден – 15 март: Во 1915 година е роден еден од основоположниците на современата македонска литература Венко Марковски
44 г.п.н.е.– Во Рим, во Сенатот, група републикански заговорници го убиле Гај Јулиј Цезар, римски војсководец и државник, а во последните години од животот диктатор во моќната Римска империја. Убиството на Цезар го означило почетокот на граѓанската војна, во која загинале сите заговорници. По повеќегодишни воени пресметки власта ја приграбил итриот Октавијан, кој вовел монархија против која се бореле заговорниците. Цезар бил роден на 12 јули 100 година пред нашата ера.
Препорачано
1493.- Славниот италијански морепловец Христофер Колумбо се вратил од Мајорка, во Шпанија, од своето прво патување, кога и ја открил Америка.
1776.– Американскиот конгрес донесол одлука за укинување на зависноста од англиската круна. Независноста на САД била прогласена на 4 јули 1776 година.
1848.- Во Пешта, со востанието на граѓанските и пролетерските маси и студенти против националното и феудалното угнетување од апсолутистичка Австрија и од високото унгарско племство, избувнала Унгарската буржоаско-демократска револуција.
1867.– Виенскиот двор, поради постојаната криза која ја потресувала Австрија од револуционерната 1848 година, се откажал од унитарната држава и од тогаш Австриското царство се претворило во Австро-Унгарија. На централно ниво останале само војската, надворешните работи и заедничкиот сегмент на финансиите. Во се друго Австрија и Унгарија имале самостојност, но се наоѓале во персонална унија.
1898.- Умрел англискиот инженер Хенри Бесемер, кој во 1855 година ја пронашол постапката за преработка на суровото железо во челик, наречена „Бесемерова постапка“. Челичарницата која ја подигнал во 1859 година во Шефилд и сега произведува челик.
1907.– Во собранието на Финска за првпат биле избрани жени.
1915.- Во Скопје бил роден Венко Марковски, поет, драмски автор, еден од основоположниците на современата македонска литература. Автор е на првите поетски книги на македонски јазик „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. Други негови дела се „Чудна е Македонија“, „Орлите на Македонија“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“, „Голи Оток – остров на смртта“ и други. Умрел во Софија, на 7 јануари 1987 година.
1917.– Револуционерите го принудиле на абдицирање рускиот цар Николај Втори кој престолот му го понудил на својот брат, големиот војвода Михаил, но тој следниот ден, под притисок, се откажа од круната, со што после три века завршило владеењето на династијата Романови.
1935.– Во Кронцелево, Егејска Македонија се родил Ташко Георгиевски, македонски раскажувач, романописец и филмски сценарист. Главна тема кај Георгиевски се трагичните прогонства и преселби на егејските Македонци, нивните несреќи и раселувања. Членувал во МАНУ од 1983 година. Работел во редакцијата на весникот „Млад борец“ и во списанието „Современост“. Бил уредник во Македонската телевизија и во издавачките куќи „Мисла“ и „Македонска книга“. Ги има добиено наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Рациново признание“ и други. Починал на 13 април 2012 во Скопје. Најзначајни дела: „Луѓе и волци“ , „Ѕидови“, „Црно семе“, „Змиски ветар“, „Црвениот коњ“, „Време на молчење“, „Рамна земја“, „Плочата на животот“,„Исчезнување“, „Црна билка“, „Ненапишани раскази“.
1937.- Првата централна банка за чување крв со замрзнување заради трансфузија била основана во чикашката болница „Кук Кантри“.
1939.– Германските трупи влегле во Прага и ја окупирале Чешка, а следниот ден и Словачка, со што бил остварен планот за уништување на Чехословачка. Под закана од големи напади и уништување на Прага, претседателот Емил Хах во Берлин го потпишал актот за предавање на земјата на Третиот рајх. Франција и Велика Британија не сториле ништо за да ја спасат независноста на Чехословачка за која претходните неколку месеци и гарантирале во Минхен.
1974.- Во Скопје умрел Глигор Смокварски, македонски композитор, кларинетист и музиколог. Тој бил првиот кларинетист на Скопската опера и на Македонската филхармонија. Во неговото творештво доминираат фолклорните теми. Автор е на првиот македонски балет „Македонска повест“. Роден бил во селото Будинарци, Беровско, на 8 мај 1914 година.
1981.- Умрел Рене Клер, француски филмски режисер и писател на книги за филмот. Во повеќето дела го прикажувал животот на родниот Париз. Негови најпознати филмови се: „Под покривите на Париз“, „14 Јули“, „Молчењето е злато“, „Убавината на ѓаволот“, „Големите маневри“ и други. Роден бил во 1898 година.
1983.- Умрела англиската писателка Ребека Вест, која по престојот во Југославија во 1937 и во 1941 година го напишала опсежното патописно-историско дело „Црното јагне и сивиот сокол“