Музејот на сонувачи во Милано ги мотивира посетителите да се ослободат од своите стравови

Музејот на сонувачи во Милано / Фото: Инстаграм/Музеј на сонувачи

Италија е земја со богато културно наследство, па посетата на бројните археолошки, историски и ликовни музеи е нешто што секој кој сака да патува треба да го доживее.

Но, неодамна беше отворен и Музејот на сонувачи во Милано – еден вид интерактивно искуство кое ги воодушевува посетителите.


Музејот се простира на две илјади квадратни метри во самиот центар на Милано, зад катедралата Дуомо. Тој нуди „уникатно патување низ соништата“, благодарение на шарените инсталации кои секојдневно ги посетуваат над илјада луѓе.

„Овој проект е идеја на двајца дизајнерки од Милано – сестрите Елена и Џулија Села. Тие и нивниот фантастичен тим го создадоа овој музеј благодарение на локалните занаетчии кои го претворија во реалност она што го замисливме. Целта е да се поттикнат посетителите, и млади и стари, да се ослободат од своите стравови и мисловни ограничувања, да размислуваат ‘надвор од рамката’, давајќи глас на нивната креативност. Сметаме дека соништата се тие што нѐ мотивираат да продолжиме понатаму и да се бориме да го правиме она што го сакаме, иако понекогаш тоа навистина не е лесно. Ги имаме и вреќите за удирање означени како „стрес“, „страв“ итн. Секој од посетителите може да ја удри вреќата што ја претставува неговата најголема пречка во животот, а ова е и метафора за тоа што треба да правиме во реалниот живот“, објаснува Катерина Џампиетро.

Дизајнерките Села ги искомбинирале технологијата, уметноста и дизајнот со комуникацијата. Ова е нешто на што Милано, како центар на модата и дизајнот, отсекогаш обрнувал внимание.

Секоја инсталација носи одредена порака. Тоа се позитивни и мотивациони пораки кои имаат за цел да нѐ доближат до нашата креативна природа, која често останува неизразена поради рационалното прикажување на реалноста.


Интересно е тоа што и познатите личности оставаат свои пораки во музејот.

„Понекогаш е важно да се најде инспирација во зборовите на другите луѓе. Кога станува збор за познатите, можеби некој ќе каже: ‘Лесно им е, успеале во животот’. Но, за да стигнат таму каде што се, тие морале да поминат низ многу нешта. Важно е навистина да верувате. Затоа го создадовме Музејот на сонувачи“, додава Катерина Џампиетро.

Музејот на сонувачи во Милано ги охрабрува своите посетители дека колку и да е тежок животот, тоа се моменти низ кои сите поминуваме и кои можат само да нѐ направат посилни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот