Мундијалот во Катар е најголемиот апсурд во историјата на фудбалот

EPA-EFE/Tolga Bozoglu

Катар 2022 е она што се случува кога корумпирана меѓународна организација со многу моќ и мала одговорност е поставена на чело на работите што се важни; кога демократиите се подготвени да се продадат себеси, своите институции, па дури и својата култура на оној што ќе понуди најмногу

Не требаше да се случи Катар да биде организатор на СП 2022. Но самиот факт што тоа се случи открива колку работите станаа лоши во фудбалот. Ова не може да се смени. Катар е домаќин на 22. Светско првенство во фудбал, што е најголемиот апсурд во историјата на спортот, пишува Том Мектиг за медиумот „Атлантик“.

Деталното прикажување на приказната изгледа многу мрачно. Во 2010 година, ФИФА ја додели организацијата на најпопуларниот и најпрестижниот спортски настан во светот на малата блискоисточна автократија со население од едвај три милиони?!

Немаа инфраструктура, услови или навивачи, но имаа пари. Катар никогаш досега не играл на СП, а камоли да бил домаќин. Крајно несоодветно место е – лете, кога вообичаено се одржува овој турнир, температурите се толку високи што фудбал воопшто не може да се игра. Затоа првпат во историјата, турнирот се одржува во ноември и декември, што е во средината на европската фудбалска сезона…

Но овој идиотизам го покрива вистинскиот срам. Катар е дом на околу три милиони луѓе, но процентот на вистински катарски граѓани кои живеат таму е нешто повеќе од 10 проценти. Останатите се некои многу богати имигранти од други народи и огромна армија сиромашни мигранти кои го вршат најголемиот дел од работата…

И Блатер вели: Грешка е

Досега ФИФА успеа барем делумно да ја сокрие оваа апсурдност, бидејќи сите имаа удел во шоуто. Ако доделувањето на турнирот на Русија во 2018 година можеби изгледаше лошо за индексот на демократијата и човековите права, барем тоа беше голема земја со горда фудбалска историја. Но, Катар?
Ниту посрамениот поранешен претседател на ФИФА, Сеп Блатер, сега не се чувствува способен да ја брани оваа одлука, за која неодамна призна дека е грешка. Фактот дека Катар успеа да ги победи конкурентските понуди од САД, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја е толку неодбранлив, толку очигледно апсурден што е невозможно да не се заклучи дека целиот систем е наместен. Што во основа е.

EPA-EFE/NOUSHAD THEKKAYIL

Повеќе од еднократен скандал, Светското првенство во Катар е бајка за светот во кој живееме, а не само за светот на фудбалот. Катар 2022 е она што се случува кога корумпирана меѓународна организација со многу моќ и мала одговорност е поставена на чело на работите што се важни; кога демократиите се подготвени да се продадат себеси, своите институции, па дури и својата култура на оној што ќе понуди најмногу, и кога цели економии стануваат зависни од експлоатацијата на евтина, глобализирана работна сила и нерегулиран капитал.

Катарските пари во клупскиот фудбал

Европскиот клупски фудбал веќе е полн со плутократски поддржувачи од земјите од Персискиот Залив и пошироко. Тројца од петте најплатени спортисти во светот сега се фудбалери: Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Нејмар, секој заработува повеќе од 100 милиони долари годишно како плата и комерцијални договори.

Четвртиот играч, Килијан Мбапе, најверојатно ќе се приклучи на оваа возвишена група кога Форбс ќе ја објави листата следната година, откако неодамна потпиша тригодишен договор вреден 650 милиони долари. Од овие четири суперѕвезди, три моментно се вработени во еден клуб, Пари Сен Жермен, кој е во сопственост на Катар.

Но, Пари Сен Жермен не е сам во зависноста од богатството во Персискиот залив. Англискиот клуб Манчестер Сити е во сопственост на инвестициската филијала на државата Абу Даби од 2008 година (оваа организација има и најголем удел во американската МЛС франшиза Њујорк сити ФК).

Англискиот премиерлигаш, Њукасл Јунајтед, беше купен минатата година од конзорциум кој го вклучува државниот фонд на Саудиска Арабија. Со навидум неограничени буџети, кои им овозможуваат да ги купат сите најдобри таленти, овие клубови денес победуваат многу повеќе отколку порано.

За што се работи?

Сите разбираат за што се работи. Катар и другите земји од Заливот сакаат да ги диверзифицираат своите економии за да го преживеат моментот кога ќе пресуши протокот на нивното богатство од нафта и гас. И тие сакаат да го направат тоа со заштита на нивните автократски режими. За да ја постигнат оваа цел, тие инвестираат во спорт, забава, туризам и транспорт – со надеж дека ќе станат сончеви центри со ниски даноци на идната глобална економија, каде што богатите доаѓаат да живеат, работат, купуваат и се опуштаат од товарот на демократијата, додека ги опслужува војска од сиромашни.печалбари. Нивното вложување во спортот е само дел од оваа поширока стратегија.

Западот се согласи со тоа, бидејќи тоа значи дека може да добие дел од нивното богатство. Може ли некој од нас да се пожали кога ќе открие дека Светското првенство е продадено на сличен начин?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот