МТСП: Да се најде решение за поединечен колективен договор на УКИМ и да се зголемат платите на 3.200 вработени

УКИМ кампус
Кампус на општествени науки на УКИМ / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска се сретна со ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова и со претставници од Сојузот на синдикати на УКИМ. Како што соопштија од МТСП, Велковски ги повикал Министерството за образование и наука и Министерството за финансии да изнајдат брзо решние за признавање на поединечниот колективен договор на УКИМ, а со тоа и зголемување на платите на 3.200 вработени во УКИМ.

– Ги повикувам Министерството за образование и наука и Министерството за финансии да изнајдат брзо решение за признавање на поединечниот колективен договор и зголемување на платите на вработените во Универзитетот, изјави Велковски.

Во врска со надлежноста на МТСП, тие велат дека се работи за поединечен колективен договор, за којшто потписниците, согласно член 231 став 3 од Законот за работни односи имаат обврска да го известат министерството за неговото потпишување, што во конкретниот случај е и направено.

– Бидејќи потписниците на колективниот договор склучен помеѓу Собранието и УКИМ постапиле согласно предвиденото во Законот, по однос на ваквиот вид на договор, МТСП смета дека нема правна пречка во однос примената и понатамошно постапување по истиот, се вели во соопштението.

Сојузот на синдикати на УКИМ бара средба со премиерот, во спротивно следува протест

Минатата недела Сојузот на синдикати на УКИМ одржа прес-конференција на која побара итна средба со премиерот, во спротивно најавија дека ќе има предупредувачки протест, а потоа ќе стапат во штрајк.

Претседателот на синдикатот, Ангел Ристов обвини дека државата не обезбедила средства во буџетот за примена на обврските од колективниот договор склучен меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието.

Според Ристов, непочитување на колективниот договор е упад на независноста на Универзитетот.

– Претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Синдикатот на Сојузот на синдикати на вработените во УКИМ, Ангел Ристов на 29 декември 2022 година склучија колективен договор на Универзитетот. Овој колективен договор стапи во сила со денот на објавувањето во службен весник, а почна да се применува од 1 јануари оваа година. Имајќи ја предвид општата состојба во државата, Синдикатот се согласи колективниот договор да има одложно дејство и да се применува една година по неговото потпишување, појасни Ристов.

Како што посочи, во колективните преговори беа вклучени и претставници на министерствата за финансии, образование и наука и труд и социјална политика.

Но и покрај тоа, потенцираше, надлежните министерства не предвидоа средства во буџетот за 2024 година за остварување на обврските предвидени во колективниот договор, со изговор дека истиот не бил регистриран во Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот