Олександр Онишченко/Фото: Фејсбук

Мрежата поддржувачи на Онишченко во Македонија: Јавачот Заложник, коњичкиот клуб Дона и газда на хостел чиј татко истепа снимател

Мрежата поддржувачи на украинскиот тајкун со руски пасош кој се вдоми и во македонскиот систем на државјани, Олександр Онишченко, во државава вклучува повеќе личности, пред случајот воопшто да дојде во рацете на Агенцијата за национална безбедност на одлучување.

Кој го предложил Онишченко да дојде во Македонија и зошто?

Дел од луѓето кои имале некаква врска во неговото предложување во коњичката федерација и лобирање за него да стане државјанин, се дел од приватни коњички клубови, а дел се јавачи како на пример македонскиот репрезентативец Лука Заложник кој ни изјави дека во Шпанија олигархот лично посакал да стане државјанин наводно за да освои олимпијада со македонскиот дрес, по што Заложник му дал контакт со македонската коњичка федерација.

Со кој точно човек во федерацијата му дал контакт, не сакаше да каже. Онишченко вчера за „Слободен печат“ изјави дека е дел од коњаничкиот клуб Дона. На страницата на Дона коњички клуб, нема фотографии од таква мега ѕвезда како Онишченко. Во делот за јавачите на страната на клубот нема ништо. Како одговорно лице во финансиските извештаи фигурира Влатко Стефановски, поранешен генерален секретар на Федерацијата за коњички спортови. Влатко Стефановски пак, вчера иако го баравме преку негови блиски членови на семејството на кои им ги пративме прашањата од кога Онишченко е член на коњички клуб Дона и дали Дона го предложила Онишченко до Федерацијата за коњички спортови како човек кој може да биде македонски репрезентативец, не даде одговор. Не одговори ниту на тоа кога била поднесена иницијативата до федерацијата.

Потоа во пошироката слика поддржувачи и лобисти за Онишченко доаѓаат уште два неконвенционални профили на личности кои на јавноста и станаа познати делумно поради тоа што едниот од нив тепаше снимател пред семејната куќа во Пржино за што сега е во куќен притвор, а делумно и зашто е навистина чудно што и двајцата изјавуваа дека Онишченко никогаш не го виделе на својата семејна адреса, а му дале дозвола да фигурира таму како наводен станар за да го земе државјанството.

Станува збор за кошаркарот Игор Пенов и татко му, Милчо Пенов. Кај Милчо Пенов отидовме на влезната врата во неделата, но најголемиот дел од времето го помина да ја банализира улогата на син му во доделувањето на државјанството, изјавувајќи дека нема ништо чудно што му направил услуга на човекот да влезе фиктивно на неговата домашна адреса во документите, и да го брани Онишченко, кажувајќи ни дека тој е слободен граѓанин, дека нема никаков проблем со тоа што му е регисриран како гласач на домашната адреса, а не праша и што имаме против човекот.

Кога му кажавме дека е на црната листа на САД зашто влијаел на изборите во корист на Трамп, Милчо Пенов, инаку моментално во куќен притвор зашто физички и вербално нападна снимател на ТВ 24, а го покажа и половиот орган на камера, ни изјави дека „Америка е имбецилна држава која утре и за некој друг може да искреира приказна“.

Куќата на Олександр Онишченко во Скопје
Куќата на чија адреса се води Олександр Онишченко во Скопје/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Утредента, Милчо Пенов беше на сите телевизии, зашто најнапред го покажа половиот орган на камера, а потоа физички нападна камерман на Тв 24 кој отишол да ја сними куќата каде фиктивно живее Онишченко. Со син му на Милчо Пенев, пак, Игор Пенов, кој е поранешен кошаркарски репрезентативец, телефонски стапивме во контакт. Тој рече дека нашите прашања се „глупости“ и ни го постави прашањето дали знаеме како Онишченко слетал во Македонија. Не сакаше да коментира и да објаснува од кои мотиви му дал да биде регистриран кај него на домашната адреса, и ја исклучи линијата.

Од сите овие личности и алки во синџирот за успешен еквестријан трансфер на Онишченко во македонскиот пасошки систем, најтранспаренетен се чини, беше самиот Онишченко. Тој вчера во интервју за „Слободен печат“ изјави дека со синот на Милчо, кошаркарот Игор, го знае многу добро а дека се запознале во хотелот на Игор. Според Онишченко, целата постапка за државјанството ја спровел законски, траела две години, а во Македонија си отворил и фирма.

Плановите, според неговата изјава која ја даде за „Слободен печат“ е да инвестира во македонската економија и да работи со зет му. Ни секторот ни името на фирмата не сакаше да ги открие, ама беше дециден дека фирмата е отворена. Од проверките што „Слободен печат“ ги направи во Централниот регистар, евидентно е дека фирмата на Онишченко мора да ја отворил под нечие друго име, зашто со сите комбинации на имиња кои тој ги поседува го проверивме и фирма во која е управител или сопственик нема. Онишченко ни ја испрати и својата германска лична карта, односно дозвола за престој. Таму фигурира како Русин по националност, роден во истиот град каде е роден и Самсоненко, Ростов.

За петочната седница во Собранието, каде ќе реферира првиот човек на АНБ Виктор Димовски, се очекуваат некакви објаснувања за тоа дали постапката била како што треба и во секторот за стратешка соработка на АНБ, задолжена да ги контактира стратешките партнери односно Американската амбасада.

Американската амбасада, кога ја прашавме дали АНБ по службена должност испратила до нив да го проверат Онишченко дали е на нивната црна листа, одговори „Ова не е прашање за амбасадата, туку за надлежните институции“.

Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот